Шафранот е зачин што во арапскиот свет е многу ценет во исхраната, но и како лек за многу болести. Со векови, тој е симбол на богатство и на мудрост, а се добива од цвет на растение од семејството ирис. Се користи само прашникот од цветот, а ливчињата понекогаш се користат во медицински цели.
Ова растение, најверојатно, потекнува од Крит во Грција, но денес се одгледува во Индија. Овој зачин има интензивна арома, слатко-горчлив вкус и е меѓу зачините што разладуваат. Во антички времиња се користел против несоница, како афродизијак, служел за олеснување на мамурлакот и го додавале во бањите. Според народната медицина, чајот од шафран помага против депресија ако редовно се пие, затоа што го зголемува нивото на серотонин во мозокот. Се користи како лек за ревитализација на циркулацијата на крвта и на женскиот репродуктивен систем и благотворно влијание врз метаболизмот. Исто така, се препорачува за подобро варење на храната, против главоболка, вртоглавица, проблеми со бубрезите и со очите, го зголемува имунитетот и ја зголемува виталноста. Шафранот се користи и во кулинарството како вкусен и лековит зачин. Одлично оди со различни јадења со ориз, од пилафот на Блискиот Исток до шпанската паеља, италијанското ризото, индиската кујна. Следниот пат кога ќе подготвувате сутлијаш или пудинг од ориз, натопете малку шафран во млекото пред да готвите и засладете го со мед и посипете го со сечкани печени бадеми или со ф’стаци. Шафранот одлично се комбинира и со други зачини, како коријандер, ѓумбир, кардамон, анасон. Овој зачин директно влијае и на вашето расположение. За добар сон навечер, напијте се чаша млеко (бадемово или козјо) со прстофат мелен кардамон, шафран и со мед по вкус. Оставете го млекото да отстои извесно време, но испијте го топло.
Предупредување: бремените жени треба да бидат претпазливи со користењето на овој зачин, бидејќи може да предизвика спонтан абортус, а во високи дози има и опојни својства.