ТРЕТА СЕДМИЦА СО ПРОТЕСТИ
Денес влегуваме во третата недела со протести и контрапротести во Македонија, кои избувнаа по прогласувањето на големата аболиција од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
Иако имаше најави дека ќе се случи “украинско сценарио” со пролевање на братска крв, засега нема таква опасност. Протестите се мирни, со исклучок на првите неколку дена кога имаше помали повреди кај протестантите и полицијата (беа демолирани стаклата на неколку објекти а сосема беше уништена Народната канцеларија на претседателот Иванов во Скопје) и тоа само при демонстрациите против актуелната владејачка гарнитура. Контрапротестите, организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), кои се во функција да се искаже поддршка на гарнитурата која владее 10 години со земјата се исклучително мирни (дури во категорија на пикник, бидејќи вклучуваат организиран превоз од внатрешноста, музичка програма, говори, ора, сендвичи). ГДОМ минатиот четврток во Скопје одржа голем собир на кој се пофалија дека имало 60 илјади присутни кои требаше и визуелно да го покажат народот кој стои зад актуелната власт. Сите присутни, членови или симпатизери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ја повикаа опозицијата да ја прекине политичката криза во која ја втурнала државата пред година и пол и да излезе на изборите распишани за 5 јуни. За да се им се покаже на “домашните предавници и слуги на надворешниот непријател” што е патриотизам и како треба да се сака татковината, од движењето ГДОМ користат огромни државни знамиња кои ги развеваат врз објектите кои симболично ги ставаат под своја заштита – на Порта Македонија и на Уставниот суд. Освен во Скопје, ГДОМ минатата седмица организираше помали протестни собири и во Битола и Велес.
Граѓанската асоцијација #Протестирам, пак, поддржана од опозициските партии на чело со СДСМ, упорно организира секојдневни протести во десетина градови низ земјата со барања да се повлече аболицијата, претседателот Иванов да си поднесе оставка и да се одложат изборите на 5 јуни. Протестите се одржуваат во Скопје, Битола, Прилеп, Куманово, Охрид, Гостивар, Кочани, Штип, Струмица, Струга, Велес, Тетово и на нив учествуваат само локалните жители. Најмасовни се демонстрациите на #Протестирам во Скопје, каде секојдневно повеќе илјади жители на главниот град имаат зборно место пред седиштето на СЈО и потоа се движат низ центарот. Ова движење сега има и назив – “Шарена револуција”, бидејќи карактеристично е тоа што се фрлаат балони со боја или јајца врз објектите и спомениците од “Скопје 2014”. Организаторите дури објавија упатство како да се прават “бомбите со боја”. За наредниот период се најавува дека ќе почнат јавно да се пуштаат и политичките “бомби” од прислушуваните разговори кои, иако се забранети со македонските закони, Европскиот суд за човекови права и слободи ги оправдува доколку се од јавен интерес (а меѓународните закони се над домашните).






