Лабуристите сакаат да ги наградат оние што ќе пријават „шефови криминалци“

Свиркачите кои ги пријавуваат шефовите кои ги избегнуваат законите би можеле да добијат значителна награда ако нивните информации доведат до почеток на судска постапка, велат лабуристите за својот план.

Предлогот на опозицијата исто така би требало да ја зајакне заштитата на свиркачите во приватниот и јавниот сектор и да донесе основање на агенција во склоп на Канцеларијата на правобранителот на Комонвелтот кои би им давала помош на овие луѓе.

Лидерот на опозицијата Бил Шортен вели дека моментално на луѓето им е неверојатно тешко јавно да зборуваат за криминалот и слично однесување, многумина се соочени со одмазда, а некои никогаш повеќе не се враќаат на  работа.

„Дали сме земја која на луѓето сака да им каже нека жртвуваат се за да ги разоткријат илегалните работи и  корупција, а ние потоа да ги казниме. Нашиот план за луѓето кои работат лоши работи е нека внимаваат на луѓето околу себе зошто тие би можеле да добијат награда ако одлучат дека нема да толерираат корупција. На свиркачите сакаме да им кажеме: стоиме зад вас” – рече тој.

Според овој план свиркачите би добиле дел од било која финансиска казна изречена на страната на која и е докажана вина. Тој дел треба да биде одреден, но според политиката за свиркачите која лабуристите ја најавија во 2017 година, партијата најави исплати од 1 отсто од износот на казната до $250.000 максимална исплата.

Според планот на лабуристите, агенциите задолжени за одредување на наградата во предвид би земале неколку фактори, вклучувајќи и правовремено давање на информациите и вклученост на свиркачот во казнените дејствија.

Кели О’Двејер зборуваше за тоа како постоечкото законодавство за заштита на свиркачи во приватниот и јавниот сектор треба да се прошири и таквиот предлог ја поминал процедурата во Сенатот, една година откога е предложен во парламентот. Таа очекува дека овој закон ќе биде донесен во Долниот дом и ќе стапи на сила на крај на февруари.

Предлогот на лабуристите е најавен пред објавата на конечниот извештај на Комисијата за финансиски услуги која е составена откога Џеф Морисон ја обелодени корупцијата во Банката Комонвелт. Лабуристите исто така планираат сите одредби поврзани за свиркачите да ги стават во еден закон за да се уверат дека вработените во приватниот или јавниот сектор ќе имаат ист третман и заштита.

Останати вести