Хаг пресуди дека Шешељ не е виновен

ЕУФОРИЈА ВО БЕЛГРАД:
Војислав Шешељ е слободен човек откако Хашкиот суд во четвртокот донесе одлука дека не е виновен за злосторства против човештвото.

Сега тој може слободно да учествува на изборите во Србија, кои се закажани за 24 април. Тој не се појави на изрекувањето на пресудата, остана во Белград откако беше пуштен од притвор поради здравствени причини, не сакаше ниту да слушне да се врати.
Според судот во Хаг, доказите покажуваат дека соработката со Слободан Милошевиќ била околу тоа да се бранат Србите или да се зачува Југославија, а не да се извршуваат злосторства. Обвинителството не успеа да докаже постоење на здружено злосторничко движење, а исто се отфрла и одговорноста на Шешељ за прогонства на население. Советот едногласно утврди дека Шешељ не е одговорен за извршување присилно преместување како злосторство против човештвото.
Изрекувањето на пресудата ја читаше претседателот на Претресниот совет, судијата Жан Клод Антоанети, кој потсети дека хашкото обвинителство барало да се утврди дека Шешељ учествувал во здружен зло­сторнички потфат со Слободан Милошевиќ, со воени и паравоени сили.
– Главната улога на Војислав Шешељ била ширење омраза и регрутирање доброволци, кои се испраќани на терен, па интегрирани во српските сили, кои дејствувале во БиХ и во Хрватска – наведе судијата и потсети дека по сите точки Шешељ се изјасни дека не е виновен и оти цело време се бранел сам, без бранител (Шешељ, инаку, пред да влезе во полтиката беше познат професор од Правниот факултет во Белград).
Советот оцени дека плановите за „голема Србија” биле политички, а не злосторнички мотивирани. Советот вели дека не е расветлен поширокиот контекст на „голема Србија”, бидејќи толкувањето на обвинителите ја замаглува хронологијата на настаните или ја искривува.
Процесот против Шешељ траеше 175 ефективни судски дена. Обвинителството изведе 89 сведоци. Судскиот совет повика 10, додека Шешељ одби да повика свои сведоци.
„Спиев како бебе, бидејќи совеста ми е целосно чиста. Свеж сум како роса, што ќе се види и денеска на конференцијата”, напиша веднаш по објавувањето на пресудата Шешељ на Твитер.
Лидерот на радикалите во притвор во Хашкиот трибунал мина речиси 12 години, односно од февруари 2003 година кога се предаде и доброволно замина во Хаг до ноември 2014 година, кога беше пуштен да се брани од слобода поради нарушена здравствена состојба.
Според трите точки од обвинението, Шешељ се товареше за злосторства против човештвото – прогон на несрпско население на политичка, расна и верска основа, депортација и присилно преместување.
Во шест точки е обвинет за кршење на законот и обичаите на војување – убиства, мачење, сурово постапување, безобѕирно разорување села или пустошења што не биле оправдани со воена потреба, униш­ту­вање на верски објекти и грабеж на јавен или приватен имот.

РЕАКЦИИ ОД БОСНА И ХРВАТСКА: Неверување во Сараево

Претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, по веста за пресудата за ослободување на Шешељ изјави дека е „затекнат” и дека не може да разбере дека „некој кој докажано учествувал во планирање на сè што се случило во БиХ е ослободен”.
Фикрет Грабовица, претседател на Здружението на родители на децата убиени во Сараево, оцени дека Хашкиот трибунал донесол „класична политичка пресуда”.
„Шешељ во значителна мерка беше вклучен во воените случувања. Пресудата е неверојатна. Индикативно е што е ослободен по сите точки од обвинението”, рече Грабовица.
Како што пренесе телевизијата Н1, тој оцени и дека „недостасувало само да кажат дека паравоените формации, т.н. Шешељевци биле во мировна мисија во состав на УНПРОФОР и дека понекогаш знаеле и да згрешат, како што згрешил холандскиот баталјон во Сребреница”.
Грабовица додава и дека Шешељ е ослободен „иако постојат снимки на кои се гледа дека посетувал воени позиции и се фалел дека пукал на одредени позиции”.

Орешковиќ: Срамна пресуда

Премиерот на Хрватска Тихомир Орешковиќ оцени дека ослободувањето на Шешељ е „срамна пресуда” и дека е тоа „пораз за Хашкото обвинителство”. Орешковиќ во Вуковар потсети дека Шешељ „и денес пали знамиња на Хрватска и на ЕУ” и истакна дека се надева оти Србија ќе реагира:
„Се надевам дека тука ќе реагира и Србија, зашто патот кон ЕУ е вистинскиот пат и се надеваме дека ќе видиме вистински одлуки и однесување од страна на нашите соседи”, нагласи Орешковиќ.
Шешељ беше обвинет за злосторства врз Хрвати и муслимани во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина во периодот од 1991-1993 година.

Шешељ ќе бара обесштетување, но Статутот на Хашкиот суд не предвидува такво нешто

Лидерот на српските радикали на прес-конференција во Белград објави дека барал да му се исплати обесштетување од 12 милиони евра за страдањето кое го претрпел во притвор. Но, според Статутот на Хашкиот трибунал за злосторства на територијата на бивша СФРЈ обесштетување – нема.
„Дел од парите би одвоил за помош на српските културни институции (…)”, рече тој, додавајќи дека дел од парите добиени од обесштетувањето би издвоил и за Српската радикална партија.
Шешељ информираше дека нема да ја тужи Србија, но дека неговиот став кон Хашкиот трибунал не е променет „ни за влакно” и дека и натаму смета оти е тоа антисрпски суд и инструмент на новиот светски проедок.
„Изразувам огромно жалење што моите блиски пријатели Милан Мартиќ, Здравко Толимир, Радован Караџиќ и многу други немаа во Судскиот совет чесни судии”, рече Шешељ.

Останати вести