Основното јавно обвинителство ја заврши истрагата за автобуската несреќа кај Ласкарци минатиот месец кога животот го загубија 15 патници.
Притворени се три лица: возачот (M.T.) кој возел со 99 километри на час, потоа сопственикот Д.Б. и раководителот (Р.М.) на компанијата „Дурмо турс” кои манипулирале со тахометарот.
За други две лица за кои Обвинителството бараше притвор, Судот определи мерка куќен притвор, додека за уште две лица се одредени мерки на претпазливост.
Обвинителството излезе со детали по завршениот извештај од истрагата.
Автобусот на компанијата „Дурмо турс” сообраќаше на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар. Во несреќата загинаа 15 лица, а 32 беа повредени.
Истрагата утврдила дека возачот во еден момент поради големата брзина изгубил контрола и излетал од автопатот. Пробал да закочи кога удрил во оградата на автопатот, но поради неисправност на кочниците и големата брзина не успеал и поради тоа паднал во провалијата.
Автобусите имаат обврска да одат на технички преглед за исправност два пати годишно. Сопирачките на овој автобус не биле исправни уште на претходниот преглед во јуни, а во декември издале документација дека е исправен иако знаеле дека сопирачките на работат како што треба.
Се покажаа исправни сомневањата дека имало манипулација со тоа што автобусите на “Дурмо турс” биле технички прегледувани во станицата за технички преглед на истиот сопственик – Дурмиш Белули.
Во истрагата на ОЈО Скопје се осомничени и тројца вработени во гостиварскиот технички центар, кои биле одговорни за прегледот на автобусот.
Јавното обвинителство за несреќата сослушало 47 луѓе. Трагедијата на автопатот Скопје – Тетово ја потресе нацијата, особено семејствата на патниците, како и локалното населени од Ласкарци.