За 30 дена ќе се знае колку чини штетата од „шарените“

Државата започна процедура за проценка на штетите на јавните добра кои беа предизвикани од поединци што протестираат во рамки на “Шарената револуција”, информираат од Владата.

Според информации од надлежните, во проценка се вклучени сите оштетени објекти: Собранието и Владата на Република Македонија, Портата „Македонија”, објектите на Министерството за правда, Министерството за култура, Управата за јавни приходи, Агенцијата за медиуми, Агенцијата за вработување, поголем број споменици и споменични обележја, плоштади, како и објектите на општините Битола, Прилеп и поголем број други јавни добра кои неа предмет и цел на шарената канонада.
Од Владата додаваат дека за некои од објектите, Бирото за вештачења веќе има направено вештачења по барање на самите субјекти.
“Владата на седница го задолжи Бирото за судски вештачења во рок од 30 дена да изврши проценка на штетите врз административните згради на државните институции, административните згради на локалните самоуправи, споменици, плоштади и други објекти во Република Македонија, штети кои се настанати како резултат на одржаните протести во изминатиов период во повеќето градови низ земјата, и да ја достави до Владата и до институциите во чија надлежност се оштетените објекти”, вели во изјава за “Вест” Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.
По оваа проценка од Бирото ќе следи план за санација на објектите или на јавните добра. Ѓорѓиев вели дека ваквиот вид на проценка која ќе ја прави Бирото за судски вештачења во соодветна постапка и по потреба може да биде користена и за утврдување на видот и обемот на евентуална одговорност за сторените штети, но тоа зависи од органите на прогонот кои спроведуваат ваков вид на постапки.

Останати вести