Што сè доби јавниот обвинител со законот?

Специјалниот ја­вен обвинител Катица Јанева ќе има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.

Ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајќи го и др­жав­ниот јавен обвинител Марко Зврлевски, не може да влијае на нејзината работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од јавниот обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното обвинителство.
Специјалниот обвинител може да основа специјализирани одделенија во своето Обвинителство, вклучувајќи и такви кои имаат обвинители кои ќе застапуваат по предмети пред апелационите судови и пред Врховниот суд. Специјалниот обвинител може да вработи стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал во истражниот центар.
Специјалниот обвинител, се вели во законското решение, ќе има обезбедено соодветни финансиски ресурси.
Јанева ќе биде одговорна за нејзината работа пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на јавни обвинители и ќе поднесува извештај секои шест месеци за нејзините активности, вклучувајќи и опис за напредок во која било истрага или гонење. Специјалниот обвинител редовно ќе ја информира и јавноста.
Министерството за правда е должно да обезбеди комплетни просторни услови кои ќе бидат надвор од објектите на Јавното обвинителство на Република Македонија со цел да се постигне фактичка и соодветна истражителска и обвинителска независност. Министерството за Правда ќе му обезбеди на Јавното обвинителство доволни компјутерски и информатички ресурси. Јавниот обвинител ги има сите овластувања и надлежности во поглед на пристап до податоци и информации како Јавниот обвинител на Република Македонија и Основниот јавен обвинител за организиран криминал и корупција.
Мандатот на Јанева е 4 години со право на реизбор. Функцијата престанува по завршувањето на сите истраги и гонења кои се во негова надлежност, односно најдоцна за 5 години.
Јавниот обвинител кој раководи со Спацијалното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во нејзината надлежност.

Останати вести