Kичевците Ервин З. (20) и Семир Ф.(21) се разбојниците што пред десетина дена до смрт го претепаа печалбарот Зулфиќар Мустафовски (77) во неговиот дом во Kичево.
Двајцата мислеле дека од старецот ќе земат голема сума пари знаејќи дека примал странска пензија, но на крајот испаднало дека убиството го извршиле за 12,000 денари.
Зулфиќар Мустафовски ги затекнал двајцата додека ја пребарувале неговата куќа и се обидел да ги избрка, тие најверојатно се исплашиле, па го турнале на подот, но тоа како да не било доволно – продолжиле безмилосно да го тепаат по главата сe додека престанал да дава знаци на живот. Осомничените убијци се фатени и приведени во полициска станица. Двајцата го признале злосторството.
Странската пензија ги привлекла
Полицијата против нив поднела кривична пријава за разбојничка кражба со последица убиство. Судија на претходна постапка им одредил притвор од 30 дена, по што се однесени во затворот во скопска Шутка.
Истрагата утврдила дека Зулфиќар не бил убиен од оружје, туку починал како последица од силните удари нанесени по главата, односно дека бил убиен со употреба на физичка сила. Истрагата утврдила дека разбојниците знаеле оти во куќата на улицата “Јосиф Јосифоски-Свештарот” живеел Зулфиќар, кој минал долги години на печалба во Швајцарија и земал странска пензија.
Бидејќи живеел сам, разбојниците претпоставувале дека печалбарот имал висока пензија, која не ја трошел и оти во куќата ќе пронајдат многу пари, па одлучиле да го ограбат.
Според полициските информации, разбојниците ноќта меѓу 8 и 9 февруари влегле во куќата откако претходно скршиле дел од стаклото од стакленикот на балконот на приземјето, кој бил поврзан со ходникот на куќата. Во моментот кога разбојниците провалиле во куќата и почнале да ги пребаруваат собите на приземјето, газдата спиел на горниот кат.
Разбојниците пронашле 12,000 денари и најлонска кеса во која имало медалјони, ланчиња и други метални предмети со жолта боја, за кои мислеле дека се златни, а пронашле и еден пиштол. Сопственикот чул дека некој влегол внатре, слегол на приземјето и ги затекнал двајцата крадци кои во рацете ги држеле парите, кесата со предмети и пиштолот.
Во тој момент меѓу нив настанала турканица. Печалбарот се обидувал да ги избрка, но бил нападнат од разбојниците, кои најверојатно се исплашиле, го турнале на подот и безмилосно го тепале по главата се додека Зулфиќар престанал да дава знаци за живот.
По убиството двајцата избегале, а кесата со предмети ја скриле кај месноста Kошарани во Kичево.
Телото го пронашол синот
Наредниот ден околу 17 часот, синот на Зулфиќар, кој исто така живее во Kичево, но во друга куќа, отишол да го види татка си откако претходно цело утро не можел да го добие на мобилниот телефон. Сликата што ја видел била страшна. Секаде имало расфрлано предмети, а телото на својот татко го пронашол во собата на приземјето. Тој веднаш повикал полиција и брза помош. Лекар од Општата болница во Kичево констатирал дека Мустафовски бил мртов, а на главата на починатиот имало повреди нанесени од удари.
Во куќата бил извршен криминалистичко-технички увид во присуство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство-Гостивар, полициски старешини од СВР Охрид, вешти лица од одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР и полициски службеници од ПС Kичево.
Го признале злосторството
Трагите земени од вештачењето во куќата на убиениот ги довеле полицајците до убијците. Двајцата веднаш биле уапсени, а во полициска станица признале дека го убиле Зулфиќар и оти разбојништвото им било испланирано. Убијците им кажале на полицајците каде ја скриле кесата со металните предмети и дека пиштолот што го пронашле му го продале на лице од Kичево за 200 евра. Во присуство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Kичево полицијата во месноста Kошарани ја пронашла кесата со предметите.