Шведското Јавно обвинителство соопшти дека ја прекинува истрагата против основачот на „Викиликс”, Џулијан Асанж, во врска со обвинувањата за силување. Шведските правосудни власти ја повлекоа и европска потерница издадена во 2010 година.
Обвинителката Мариан Њу изјави дека според шведскиот закон се исцрпени сите можности за продолжување со истрагата.
– Одлуката да се прекине прелиминарната истрага не е поради тоа што не сме успеале да направиме целосна проценка на доказите во овој случај, туку поради тоа што не гледаме друг начин за да продолжиме со истрагата.
Прекинот на истрагата во Шведска не го ослободува Асанж, таа повторно ќе биде отворена доколку тој се врати во земјата пред август 2020, кога според тамошниот закон застарува делото.
– Секоја прелиминарна истрага во Шведска може повторно да биде отворена, но тоа е чиста теорија и во реалноста нема да се случи, кажа Пер Самуелсон, адвокат на Џулијан Асанж.
Асанж се уште не може да ја напушти амбасадата на Еквадор во Лондон затоа што ќе биде уапсен од британската полиција бидејќи не се појавил во суд во определеното време.
Основачот на Викиликс од самиот почеток ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека случајот е политички монтиран со намера да биде екстрадиран во Шведска, која потоа би им го предала на САД, каде е обвинет за објавување на украдени илјадници доверливи дипломатски и воени документи.
– Овој ден е важна победа како за мене, така и за системот на ОН за гарантирање на правата на човекот, изјави основачот на Викиликс, Џулијан Асанж од балконот на еквадорската амбасада во Лондон.
Асанж, меѓутоа, подвлече дека неговата правна битка не е завршена.
– Всушност, војната допрва почнува – рече тој. – Се надевам дека ќе има неизбежна истрага за тоа што се случи, на ужасна неправедност, не само за мене, забележа Асанж и подвлече дека неговото задржување и екстрадирање без покренато обвинение се претворило „во карактеристична црта на Европската Унија”.
Асанж и се заблагодари на еквадорската влада, која му даде азил и го заштити пред силниот притисок .
Основачот на Викиликс ги искритикува западните влади, но подвлече дека е подготвен да почне дијалог со британските и американските власти.
Моите адвокати се поврзаа со британските власти и се надеваме дека ќе почнеме дијалог во однос на најдобриот начин да се оди понатаму.
– И покрај тоа што беа упатени некои крајно заканувачки забелешки, со подготвеност ќе го почнам дијалогот со американското Министерство за правда во врска со тоа што се случи, додаде тој.