Македонската полиција спроведе опсежна акција во борбата против трговијата со дрога. Во една ноќ извршен е претрес на 11 локации во Скопје и околината, а уапсени се тројца дилери и 12 “муштерии”.
Претресите и апсењата се по наредба на надлежен судија, а по барање на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Се работи за мрежа на дилери и корисници на кокаин, кој станува многу “популарен” во Македонија.
Акцијата на МВР е извршена под кодното име “Сикрет”, а истрагата е водена последните три месеца. Притоа обезбедени се докази и фото-документирани се бројни купопродажби на мало, на клиенти кои подоцна се приведени.
Се работи за група на дилери на чие чело се браќата И.Ј. (41) и Б.Ј. (31) од скопската населба Ченто. Според МВР тие од февруари годинава во повеќе наврати од непознати лица набавувале неодредени количини на наркотична дрога кокаин, ја препакувале во нивниот дом и неовластено ја продавале. Организирале мрежа на препродавачи меѓу кои биле останатите осомничени задолжени за доставување дрогата до купувачите на различни локации во градот Скопје. Дилањето се нарачувало преку телефонски контакти со лица уживатели на дрогата. Во зависност од големината на пакувањата дрогата што ја нуделе била по цена од 2.500 до 6.000 денари, велат од ОЈО.
Полицијата извршила претреси во домовите на четворица од дилерите – спомнатите браќа И.Ј. и Б.Ј во Ченто, Н.М (37) од населба Чаир и Д.Р. (19) од село Грушино.
Од четворицата дилери фатени се тројца, додека еден е во бегство (едниот од браќата).
Снимени се клиентите: адвокати, банкари, вработен во Царината
“За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број на материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица. Во контекст на ова, а во рамки на истрагата претходно поднесени се две кривични пријави до ОЈО Скопје и ОЈО Куманово, против две лица од кои едно лице вработено на висока позиција во Царинската управа за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и овозможување на употреба на наркотични дроги”, информираат од МВР.
Од извршените претреси во акцијата пронајдени и привремено одземени се: одредена количина на кокаин, парични средства (6.300 швајцарски франци, 150 САД долари, 150 Евра и 28.500,00 денари), пет луксузни патнички возила (марка Јагуар, БМВ, Ауди А8, Шевролет Калос и Сеат Алтеа), еден пиштол марка „карл валтер”, две пушки и 52 куршуми различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони, држачи за сим картици, две УСБ-еа и документација за возило. Количината и квалитетот на пронајдениот и одземен кокаин дополнитело ќе биде утврден со крим-техничко вештачење.
Дилерите имале и доушници во МВР?
Според соопштението од МВР, истрагата ќе продолжи во правец да се утврди кои им соработници на дилерите од вработените во МВР, на кои им плаќала за да им откријат дали МВР им „дише” во врат, односно дали им ги следат чекорите и дали постои опасност од нивно апсење.
Во соопштението од МВР буквално стои: “За криминалната група беше утврдено дека во текот на своето делувување вршела коруптивни дејствија заради добивање податоци за мерките кои ги презема МВР кон членовите на организираната криминална група, како и за добивање корисни информации за конкретни судски постапки кои се водат против нив”.
Истрагата во овој дел сѐ уште не е завршена и допрва ќе се утврдува дали навистина припадници на МВР соработувале со дилерите. Дека дилерите можеби навистина имале соработници во редовите на полицијата говори и фактот што лидерот на групата за малку ќе избегал, но за среќа бил уапсен при неговиот обид да ја напушти државата.
“Операцијата отпочна во момент кога лидерот на криминалната група се обиде да ја напушти државата, а лишен од слобода беше на меѓународниот аеродром “Скопје”, со поголема количина на парични средства. Исто така од слобода беа лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата беше лишен од слобода во текот на ноќта при обид за бегство од лишување од слобода во неговиот дом”, информираа од МВР.
Од Министерството посочуваат дека преку продажбата на кокаин овие лица се стекнале со голема финансиска добивка, кој ја инвестирале во купување на луксузни автомобили, станови и изградба на куќи.
Уапсените се од бандата на покојниот наркобос џељал ајети-џељо?
Неофицијално, уапсените дилери се членови на криминалната група „Белана”.
Во оваа криминална група некогаш припаѓаше и познатиот лихвар Џелал Ајети-Џело, кој беше убиен пред шест години, додека пак неговиот брат, Наим Ајети беше убиен минатата година на улицата „Рузелтова”, во близина на Зоолошката градина во Скопје.