Белата куќа го одби повикот на Москва да соработуваат во Сирија, па сега изненадено гледа како Русите ги бомбардираат позициите на исламистите, додека самата нема никаква стратегија за решавање на кризата, оценува германскиот дневник Зидојче цајтунг.
Весникот истакнува дека Вашингтон не сфаќа како Русија успеала за толку краток рок да ги прегрупира своите сили и да ги префрли во Сирија.
Меѓутоа, Москва одамна работи на модернизација на својата војска и, како што покажуваат најновите настани, нејзините напори даваат импресивни резултати, пишува Зидојче цајтунг.
Од почетокот на руските воздушни напади во Сирија, меѓу Москва и Вашингтон се развива не само политичка, туку и воена конкуренција, истакнува германскиот весник.
Учеството во сирискиот конфликт им овозможи на Русите да ја покажат својата воена моќ.
Особено силен впечаток остава модернизираниот ловец-бомбардер Су-34, кој носи наведувани ракети „воздух-воздух” и друга прецизна наведувана муниција.
Американските воени функционери, меѓу кои и Бен Хоџис, командантот на американските сили во Европа, признаваат дека не знаеле дека Русите можат толку брзо да реагираат на случувањата во Сирија.
Државниот секретар на САД Џон Кери со секоја следна средба со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров лично се уверува дека Москва е посигурна во себе отколку кога било претходно, заклучува германскиот весник.