ПМФЛ: Силекс го “прегази“ Вардар, Работнички убедлив

Немаше некои посебни изненадувања во 26 коло на Првата македонска фудбалска лига. Во Тетово лидерот на табелата, екипата на Шкендија беше убедлива против Ренова и победи со 3:0.

Бесарт Ибраими се врати во голгетерската форма, а кога е така тогаш сите во Шкендија може песна да пеат. И покрај желбите се виде дека Ренова не е дораснат противник на идниот шампион на Македонија. На седум кола до крајот Шкендија има 10 бодови предност пред Шкупи. Тука нема веќе битка, Шкендија со силно чекори кон својата четврта титула шампион на Македонија.
Во битката за опстанокот, во една од решавачките за Силекс и Вардар, кратовци му се “истурија” на Вардар. Безмилосно Ристов и Горгиев го газеа младиот тим на нашиот најтрофеен клуб. И двајцата постигнаа по хет – трик. Имаше Силекс шанси и за двоцифрена победа, но и тие 0:6 ќе влезат во историјата на Вардар како еден од најголемите порази во ПМФЛ. Фановите се гневни, бараат виновници, а Вардар паѓа, просто стрмоглаво кон Втората лига.
Работнички одигра навистина квалитетно. Го победи Пелистер со 3:1, а според шансите триумфот требаше да биде поубедлив. Сепак треба да се каже дека гостите не искористија пенал, поточно Јанков го одбрани пеналот на Танушев, кој шутираше двапати. Исто треба да се каже дека Работнички во целост ја искористи индолентната игра на гостинската одбрана, просто да ти е жал да ја гледаш како таа играше во саботата. Катастрофа. Сега Работнички на седум кола до крајот има минус 5 бодови во однос на “лавовите” во битката за Европа, секако тука е и Струга Трим Лум која, благодарение на Мециновиќ успеа да ги однесе сите три бода од Велес. Познато е колку тешко се победува во тој град. Искусниот стопер уште еднаш покажа дека не само што е еден од најдобрите играчи во својот тим, туку и дека важи за еден од најдобрите стопери во ПМФЛ. Веќе втор меч во низа дава гол со глава.
Но на овој меч се случило нешто неверојатно. А тоа е дека Струга Трим Лум и нејзиниот стратег Срѓан Захариевски овој меч го започнаа со седум млади играчи, или играчи до 21 година. Познато е дека во ПМФЛ мора секоја екипа да започне најмалку со еден играч до 21 година, а Струга Трим Лум во неделата имаше дури седуммина. Изгледа дека ова е првпат во ПМФЛ некој тим својот натпревар да го започне речиси со младински состав. Да, точно е дека и Вардар игра со младинци, ама затоа што мора, затоа што тоа му е играчкиот погон.
Шкупи ја победи Академија Пандев на нејзин терен и ја запре победничката серија на четата на Александар Васоски. Сега “пандевци” повторно се блиску до зоната на испаѓање. Треба да се каже дека во финишот Наумовски му одбрани пенал на Радески со што ја потврди победата на чаирчани.
Во вториот меч во Струмица сосема очекувано Македонија ЃП си ја победи Беласица. Ваква победа им требаше на “лавовите” кои играат во крајно променлива форма.

(“Спорт”)

Останати вести