На мотор низ повеќе од 40 држави на сите континенти ја шират македонската култура и најдоброто од Македонија. Антон и Силвана Митреви стигнаа во Сиднеј.
Брачниот пар од Скопје Силвана и Тони големи се авантуристи и вљубеници на мотори. Всушност, моторот го сметаат за нивно чедо, трет член од нивното семејство со кое го живеат животот повеќе децении. Заедно ги споделуваат сите прилики и неприлики, моторот им е чедото со кое долги години сонувале да тргнат во прегратка на светот, и да го добијат четвртиот член на семејството – топлата прегратка на заобиколениот свет.
На 20 јуни 2018 година, Силвана и Тони Митреви тргнаа од Скопје и преку Бугарија, Турција, Грузија, Русија, Казахстан, Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Индија, Непал, Мјанмар, Тајланд, Малезија – стигнале до Индонезија, каде со брод го пратиле моторот во Перт.
Во Австралија досега возеле преку Западна Австралија, Јужна Австралија, Викторија до Нов Јужен Велс. Нивните авантури секојдневно ги објавуваат на Фејсбук страната Гушни го светот.
Со буџетот со кој се осмелиле да тргнат во оваа авантура, сигурно ќе се врателе од Русија, или можеби од Узбекистан, но еве, речиси се наоѓаат на половина од нивното патешествие, и сè повеќе веруваат во нивниот конечен успех.
И веруваат дека ќе најдат средства од нови донатори и спонзори со кои ќе го заокружат проектот Гушни го светот и ќе успеат до крај да ја раскажат приказната во Македонија.
Во Австралија големиот број нашинци иселеници не дозволуваат да се чувствуваат дека се далеку од дома, напротив ги пречекаа со широко отворени раце”, споделуваат Силвана и Тони и сведочат како со секој изминат километар нивниот сон станува реалност.
Минатава седмица се чувствуваа посебно горди, бидејќи нив ги прими градоначалникот на општината Бејсајд во Сиднеј која брои преку 150.000 жители.
Градоначалник е Македонецот Бил Саравиновски кој успешно раководи со општината 9 мандати, повеќе од 30 год.