Симон Трпчески ќе свири музика од македонски автори во Германија

Македонскиот пијанист Симон Трпчески најавува светска премиера на неговиот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо”, која ќе се случи на 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија.

– Станува збор за проект со македонска музика на кој му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски до сега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. На 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија, овој проект ќе ја има својата светска премиера. Јас го отворив овој фестивал минатата година, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен – вели Трпчески во интервјуто за Македонското радио.
Станува збор за проект, како што појаснува Трпчески, што вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни кои би донеле еден шарм на целата инструментална димензија на овој проект.
– Македонскиот композитор Панде Шахов ја потпишува музичката обработка на овие прекрасни музички дела и со навистина голем ентузијазам влезе во целиот овој огромен проект од 80 минути музика – истакнува Трпчески.
Додава дека проектот вклучува квинтет, камерно видување на македонската музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.
На светската премиера во Лудвигсбург, покрај Трпчески ќе настапат и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција). На кларинет, саксофон и на кавал специјално за оваа пригода, ќе настапи Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев.

Останати вести