Синтезис воодушеви во Австралија

Тринаесет години од вториот настап на Синтезис во Австралија (2006) Македонците и нашите пријатели повторно се почестени со нивната божествена музика.

Во четвртокот, на 21 ноември 2019 етно групата Синтезис од Македонија одржа концерт пред полната сала на Factory Theatre во Marrickvile. Се претставија со музика од нивниот последен албум наречен “Остров” и со нивните најпопуларни нумери испеани од создавањето во 1995 до денес. Само да ја спомнам „Во наше село” со која го завршија настапот.
Претставата започна со настапот на Balkan Ethno Orchestra, локална група од Сиднеј која исто така ја негува балканската традиција изразена преку нивната музика и носии. Вообичаено е пред секој голем концерт да настапат музичари за да ја претстават својата работа, а за организаторите тоа е загревање на публиката пред главниот настан. По кратката пауза на сцената се појавија членовите на Синтезис во сиот свој сјај. Вокалистките блескаа во новите креации на Ношпал со традиционалните македонски бои и накит. Инструменталистите со себе понесоа повеќе инмструменти бидејќи Марјан и Ване, Гоце Д, Гоце У и Горан свират на по неколку инструменти. Радослав Шутевски беше позади своите тапани, горд на групата што ја создал пред 24 години. Со енергијата што ја донесоа на сцената концертот го започнаа со инструментална нумера од нивниот последен албум “Остров”. Салата се исполни со македонска етно музика со ноти на џез, со ноти на нешто ново и космичко во исто време старо и традиционално. Следеа вокални интерпретации за чии квалитети се изјасни публиката преку своите реакции на воодушевување. Зурлата на Гоце Димовски ја држеше публиката на нозе и многумина со солзи на очите. Атмосферата не може да се опише. Требаше само да се доживее.
Синтезис потврди дека и останува верен на македонската традиција. Музичарите на групата потврдија дека се длабоко мотивирани да останат симболот на еден мал источен свет, еден остров наречен Македонија. Со своите забележителни настапи тие го прават тој остров сосед на целиот свет. Во Австралија нивниот настап значи многу повеќе од музички. Тие се вториот крак на мостот на кој со првиот се во Македонија. Тие се мост по кој чекори суштинското на македонскиот народ, каде што нема место за политичари, религиозни недоразбирања и економски дискриминации. Синтезис обединува, токму како и нивното име.
За Синтезис би сакала да завршам со зборовите на голмиот македонски писател Венко Андоновски кој вели: „И ако некогаш решат да го сменат името – еве, се нудам за кум. Нека се викаат „Од Бога одбрани”.
Концертот на Синтезис во Сиднеј беше организиран професионално и помина успешно. Честитки за Сотир Стојчевски и Feel Balkan.

Ѓурѓица
Георгина Чакар

Останати вести