Приближно 80 мигранти од прифатниот центар во Гевгелија, кои пред некој ден дојдоа од Табановце, бараат од невладините организации кои им помагаат во центрите да им обезбедат контакт со канадските власти бидејќи сега сакаат да заминат таму.
Kако што велат, штом Европа им ги затвори вратите, тие својата иднина сакаат да ја градат во прекуокенските земји.
Дел од мигрантите велат дека се разочарани и дека го губат трпението и додаваат дека ќе чекаат најмногу петнаесетина дена во Македонија. Потоа ќе бараат порадикални решенија за својата состојба.
Сабах Аиду, припадник на Kурдите од Ирак, вели дека секоја опција е добредојдена, само да не се вратат дома.
– Од Табановце дојдовме тука. Навистина сме изморени, сакам да се отворат границите. Во Грција и во Турција не се враќам. Слушнавме дека Kанада ни посакува добредојде, па сега бараме од невладините организации да ни обезбедат документи и контакт со канадските власти. Имам пет малолетни деца, навистина се многу намачени од патиштата. Во прифатните центри се заразивме со разни болести, ова веќе не се трпи, решение мора да има и покрај тоа што викаат дека границите се затворени со Европа – вели Аиду.
И Сириецот Ибраим Ахмед, вели дека сега Kанада им е најдобра опција.
– Разочаран сум од Европа, ни го сврте грбот. Јас сум Сириец, па не знам зошто не сум подобен за влез во Европа, имам жена и три деца, сите ние заслужуваме подобар живот. Македонија е добра со нас, но ние тука не гледаме иднина за нас. Kажете зошто ги затворија границите и пренесете на сите дека сега сакаме да одиме во Kанада – вели Ахмед.
Од одговорните во Центарот велат дека мигрантите што стигнаа од Табановце, за среќа, со себе не донеле шуга или варичела.
Девет бегалци од Табановце завршиле во кумановската болница
Вкупно девет бегалци од 1,300-те кои три седмици се наоѓаат во Транзитниот центар Табановце, поради компликации со здравствената состојба завршиле на одделенијата во кумановската болница, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Едно лице од Сирија било донесено на Ендокринологија каде му бил направен специјалистички преглед, односно извршени потребни иследувања, направени потребни интервенции и дадена соодветна терапија, по што истото било вратено на пункт Табановце.
На Инфективното одделение завршиле двајца државјанин на Авганистан заедно со уште три лица од Сирија, каде по извршените прегледи и пружената лекарска помош исто така биле вратен на Табановце. Две лица од Сирија пак завршиле на Очното одделение каде им бил извршени преглед од страна на лекар специјалист и по укажаната помош исто така го вратиле на Табановце.
На Одделението за гинекологија била донесена бегалка од Авганистан каде и биле направени специјалистички прегледи пружени неопходните лекарства и истата била вратена на Табановце како и останатите.
Инаку во кампот сега има вкупно 1,037 бегалци, од кои по 460 од Авганистан и од Сирија, 94 од Ирак, едно од Пакистан, две од Либан, 13 од Иран.
Осумдесетина бегалци од Табановце беа препратени во кампот во Гевгелија.