По реконструкцијата сите карти на Заев на маса

Премиерот Зоран Заев ја “одигра” и реконструкцијата. Обелодени дека ќе се сменат само шест министри од Владата. Собранието требаше да гласа за измените во неговиот владин кабинет на 26 јуни.

Нов министер за земјоделство, шумарство и водстопанство ќе биде Трајан Димовски, на местото на Љупчо Николовски (кој стана генсек на СДСМ). Димовски до сега беше шеф на кабиентот на министерот за земјоделство.
Министер за животна средина и просторно планирање ќе биде Насер Нуредини, кој доаѓа на местото на Садула Дураку. Дураку, пак, ќе биде првиот министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Нуредини, пак, е инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена.
Нов министер за култура ќе биде Хисни Исмаили, на местото на Асаф Адеми (кој си поднесе оставка пред еден месец).
За министер за локална самоуправа е предложен Горан Милевски (лидерот на ЛДП), на местото на Сухејл Фазлиу. Милевски до сега беше пратеник, а на негово место ќе дојде нов и тоа од редовите на СДСМ.
Од Владата си одат (разрешени) вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ.
Ќе биде разрешен министерот за финансии Драган Тевдовски а премиерот Зоран Заев изрази желба лично да го води Министерството за финансии. Рече дека функцијата прв трезорџија ќе ја извршува во определен период задно со премиерската, но не кажа колкав ќе е тој период.
Го менува Тевдовски, ама ќе му ги слуша советите?
– Обврската за министер за финансии, покрај премиерската функција ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Влегуваме комплетно со сите свои перформанси. Тевдовски останува да работи околу мене, веројатно и како советник во тој дел. Следуваат храбри решенија и храбри одлуки, каде бенефит треба да имаат сите граѓани и во делот на социјалниот аспект и во делот на земјоделието и пензиите и платите. Кога веќе се решени сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард. Главна задача е порастот на платите, не само во делот на здравството и здравствените работници. Од септември и на голем дел и на целата јавна администрација се качуваат платите. Сакаме да направиме квантен скок на севкупното зголемување на платите. Овде ќе преземеме одредени чекори, кои треба дефинитивно да го направат квантното чекорење кон подобро и повисоко ниво на севкупните нето плати кои се земаат во РС Македонија, изјави Заев.
По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кои треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.
* * *
Со реакција за смената на Фазлиу кој доаѓа од НДП на Весел Мемеди, велат дека оваа одлука е донесена без нивна согласност.
„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на коалиционен партнер на Владата, тоа е нашата партија – НДП. Премиерот не може да одлучува без наша согласност ова министерство да му го додели на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми, за да ги задоволи неговите коалициони партнери, а во штета на владината коалиција”, се наведува во писмената реакцијата на НДП.

Останати вести