Американската амбасада во Скопје прослави 240 години Ден на независноста на САД
Цела актуелна политичка елита во земјата: од лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, до лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, министри, пратеници, претседателот Ѓорге Иванов, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со целиот тим, бизнисмени, новинари… беа дел од прославата на Денот на независноста на САД, која се одржа во Амбасадата во Скопје.
Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, порача дека соработката меѓу двете земји постојано се засилува и зголемува, со цел Македонија да оди напред кон Европската унија (ЕУ) и НАТО. Бејли, исто така, порача дека САД сакаат Македонија да ја надмине политичката криза во која се наоѓа веќе подолго време и ова да се направи на начин преку кој ќе се почитуваат правото и демократските институции.
– Секојдневно ја засилуваме соработката за земјата да оди напред кон НАТО и ЕУ, тоа вклучува обука на двете армии и значи повикување на Македонија да надмине политичката криза, да се почитува правото и демократските институции и да се имплементира договорот од Пржино, порача Бејли во своето обраќање.
Сепак, централно место во неговиот говор беа природните убавини, како во Македонија така и во САД.
– Македонија е многу повеќе од тоа што се случува на дневнополитички план, односно политичката криза што ѝ го окупира вниманието на јавноста. Таа последна точка доминираше во вестите, но ние исто така знаеме дека Македонија е многу повеќе од тоа што се пишува во насловите на вестите. Македонија е нејзиниот народ, нејзиното наследство, нејзините природни убавини од Шар Планина сè до Дојранското Езеро, од Охридското и Преспанското Езеро до Осогово. За да ја запознаеме и разбераме Македонија, мора да го кренеме погледот од нашите дневни преокупации и да ја цениме оваа убавина што нè опкружува. Јас сум благословен што можам да го направам тоа од овие простори, секој ден, рече Бејли.



