СЈО со судски налог и со полиција зема документи од Централниот регистар на Република Македонија

Специјалното јавно обвинителство одзело дел од документацијата што ја побарало од Централниот регистар на Република Македонија, а во наредните денови ќе го одземе и преостанатиот дел, бидејќи, како што соопштија, станува збор за голем број обемни документи.

Во средата вечер зградата на Централниот регистар ја обезбедуваше полиција бидејќи Специјалното јавно обвинителство добило судски налог за присилно земање на документи. Имено, Централниот регистар беше посочен како една од институциите кои одбиват соработка со СЈО, па бидејќи по истекот на законскиот рок Централниот регистар не ги доставил документите побарани од страна на СЈО, се пристапило кон присилно извршување.
Од СЈО информираа дека имале наредба за одземање предмети потпишана од судија на претходна постапка.
– Наредбата беше издадена по наше барање, откако Централниот регистар во рок од 30 дена не постапи по нашето барање и единствено нè извести дека барањето му било нејасно, иако во неколку наврати имаше телефонска комуникација со јавни обвинители и истражители во насока на појаснување што сè е предмет на нашето барање – соопштија од СЈО.
Дека наредба за одземање документација е издадена потврдија и од судот, додавајќи дека наредба за претрес, пак, не била побарана.
– Издадената наредба за одземање документација што е побарана од страна на СЈО во овој случај, како и во повеќе предмети претходно, покажува дека Основен суд Скопје 1 соработува и има позитивен пристап кон работата на СЈО во извршувањето на нивната законска надлежност и овластувања наспроти јавно пласираните информации дека ова обвинителство се соочува со најголем отпор токму со овој суд, како што и тие самите наведуваат во нивниот извештај – рекоа од Судот.
Тензијата беше подгреана од начинот на кој Специјалното обвинителство дојде до бараните документи. Имено, СЈО го добило судскиот налог непосредно пред крајот на работниот ден и додека истражителите на Специјалното обвинителство пристигнале во институцијата, вработените веќе биле речиси заминати. На обвинителите им било речено дека документите кои ги бараат секако можат да си ги најдат и на интернет.
Бидејќи наводно добиле дојава дека дел од документите можат да бидат уништени, од СЈО побарале (и добиле) полициски надзор на канцелариите на Централниот регистар. Некаде околу 1 часот по полноќ во објектот со “алфите” бил донесен директорот на ЦР, по што конечно се создале услови да се подигне документацијата.
Од СЈО не сакаа да откријат за кои предмети се врши оваа истрага, односно со кои предмети и личности се поврзани документите што се бараат од Централниот регистар.
Досега Јанева и нејзините обвинители отворија 30 предмети против 80 лица, а за наредниот период најавија проширување на истрагата за случајот „Титаник”, нови предистражни постапки, но и поднесување на првите обвиненија.
“Спасени” документи од уништување што не можеле да бидат уништени!?
Централниот регистер најостро ги демантира инсинуациите за какво било наводно прикривање, затајување или уништување документација за податоците од регистрите со кои раководи.
– Во нашето досегашното постоење и успешно работење на оваа институција не се памети ваков напад и нарушување на угледот на Централниот регистар. Ние со години сме рангирани како најдобра институција во земјава според најригорозни методологии и на прво место во Европа и второ место во светот според Светска банка. На специјалното јавно обвинителство на 11.12.2015 година му е овозможен неограничен пристап до базите на податоци на Централниот регистер по електронски пат, во реално време, 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Притоа не е пријавен никаков проблем при користење на системот од нивна страна – соопшти оваа државна институција.
Од Регистарот потенцираат дека од СЈО само побарале да им прецизираат што точно бараат бидејќи барањето било нејасно и непрецизно. Но, наместо да достави појаснување, СЈО приложило судска наредба за привремено одземање списи од одговорното лице на Централниот регистар. Во наредбата од судот, СЈО, сепак, го формулирало барањето во согласност со насоките од Централниот регистар.
– За тоа дека не се случило никакво уништување на документација, сведочи и фактот што СЈО на самото место утврди дека документите постојат во целост и дека ниеден документ не е уништен, а некои од бараните податоци им беа предадени. Останатите ќе бидат предадени во согласност со заемно договорената динамика според потребите на СЈО во периодот што следува. Небулозно е тврдењето дека податоци од Централниот регистар воопшто може да бидат уништени, со оглед на тоа што базите се водат електронски на повеќе локации, а секоја промена во регистрите електронски, во реално време, се доставува и до многу други институции,преку веб-сервиси и преку системот за интероперабилност – нагласија од Централниот регистер.

Останати вести