Зошто специјалната обвинителка Kатица Јанева крие колку од снимките од незаконското прислушување, кои ги поседува нејзиното обвинителство, се однесуваат на власта, колку на опозиционерите, а колку на бизнисмени и новинари?
Скопски „Дневник” се пожали дека со денови чека одговор од Специјалното обвинителство за тоа колку всушност лица биле прислушувани во Македонија и кои категории, односно кој бил главна цел на прислушувањето: власта или опозицијата, но од таму молк.
Според “Дневник”, прашањето колку од разговорите се однесуваат на функционери од партиите од власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, колку на првите луѓе од опозицискиот СДСМ и неговите коалициски партнери, како и колку снимки има за новинари и луѓе од бизнис-сферата, е клучното за да се утврди кој, всушност, прислушувал во Македонија: дали Никола Груевски и Сашо Мијалков (како што тврди Зоран Заев) или, пак, странски служби заедно со Зоран Верушевски ги злоупотребиле системите за прислушување на УБK, а Заев беше искористен за нивна објава (како што тврди Груевски).
Каде се снимките од Заев и опозицијата?
Прислушувањето и објавата на снимките беа основата за политичката криза во Македонија која трае веќе две години. На прашањето за потеклото на прислушуваните разговори само делумно одговори Скопскиот суд, кој во пресуда против еден од обвинетите во “Пуч” (кој се договори со Обвинителството, доби 3 години затворска казна а потоа беше помилуван од претседалот Иванов) децидно вели дека “се користени техничките капацитети на МВР”. Но конкретното прашање кој ги злоупотребувал тие капацитети на МВР се уште нема одговор.
На ова прашање јавноста не доби одговор ни преку Анкетната комисија во Собранието, чија работа заврши неславно откако Никола Груевски сведочеше зад затворени врати, а потоа истото бараа да го направат и другите поканети сведоци од владејачката структура.
Специјалното обвинителство – кое е формирано токму за расчистување на сите дилеми околу ова прашање – досега исто така нема дециден одговор. Додуша, има покренато една истрага за уништување на техничката опрема во МВР која за јавноста треба да даде индиции, но веќе е крајно време работите да бидат расчистени и “ракавите да бидат превртени”.
Проблемот се усложни и со непостојаните изјави на Зоран Заев, кој првично тврдеше дека има докази оти повеќе од 20,000 граѓани во земјата биле незаконски прислушувани од власта. Како доказ за тоа кој снимал, тврдеше дека не постојат снимки од директни разговори на Груевски со Мијалков, што, според него, е крунскиот доказ дека токму тие двајца го договориле прислушувањето. Заев објави дека најприслушувано лице бил токму тој, а потоа неговите функционери во СДСМ и целата опозиција. Меѓу прислушуваните, велеше Заев, често се и новинари и бизнисмени. На новинарите им ги подели папките со нивните прислушувани разговори.
“Бомбите” кои јавно ги пушташе беа разговори речиси исклучиво меѓу експонентите на власта и некои провладини новинари и сопственици на медиуми (со цел да покаже колку е корумпирана владејачката гарнитура).
Но, и натаму останува непознато колку точно прислушувани разговори постојат. Заев еднаш велеше 500 илјади, потоа 650 илјади за на крај лицитирањето да го заврши на над 1 милион и педесет илјади!?
Но, официјално, Заев кај Катица Јанева предал еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма. Пописот во СЈО покажал дека на екстерниот хард диск се пронајдени 540,646 се аудиофајлови и 6,302 фајла со различен формат (Ворд, Ексел, ПДФ и други), како и 119,088 транскрипти од разговори и од СМС-пораки, содржани во книгите.