Специјалното јавно обвинителство обелодени дека отворило нова истрага под кодно име „Тврдина”.
– Се работи за предмет кој е поврзан со незаконското следење на комуникациите од причина што со пресуда врз основа на предлог спогодба донесена од Основниот суд Скопје 1 Скопје IV КОК ПП бр.131/15 од 25.02.2015 година, утврдено е дека незаконското следење на комуникациите е вршено преку искористување на уредите за прислушкување и тонско снимање при Министерството за внатрешни работи. Овој предмет се однесува токму на техничките уреди, односно системи за следење на комуникациите, објави обвинителката Фатиме Фетаи..
Осомничени се двајца началници на оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и тогашната министерка за внатрешни работи, кои во првата половина од 2015 година заедно со користење на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла, помогнати од осомничениот началник на една од единиците во УБК, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од $ 14.8 милиона.
– Така, откако е донесена пресудата со која се утврдило дека за прислушувањето биле користени уредите во МВР, заради прикривање на други лица кои неовластено ги кориселе системите за следење на комуникациите во УБК, првоосомничениот издал усна наредба до раководните лица во Одделот за оперативно-техничка поддршка на операции да доставуват Известување за застареност на материјално технички средства во УБК. Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од ништење на системите за следење на комуникации, иако согласно пописот на материјални средства во МВР за 2014 година не е констатирана потреба од расходување на ваквите средства или системи по било кој основ.
Откако го добил бараното Известување, првоосомничениот на 11.03.2015 до Одделот за координација при УБК доставил Предлог за формирање Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите. Притоа спротивно на член од 8 став 6 од Упатството за вршење на попис во Министерството за внатрешни работи, за членови на Комисија предложил лица кои ракуваат со средствата кои се предмет на попис, односно лица кои се материјално задолжени за средствата кои се предмет на попис.
На 16.03.2015 второосомничениот, како началник на Одделот за координација при УБК до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси при МВР изготвил и доставил Предлог за формирање на Комисијата, без прецизна и јасна формулирана задача на Комисијата и без појаснување дали барањето за формирање на Комисија се однесува на конкретни технички системи, средства и опрема или пак како конкретен предмет на попис и ништење се јавуваат сите системи, средства и опрема во УБК.
Тука особено симптоматично е што од Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР, било укажано на недостатоците во предлогот второосомичениот, но иако овој допис е примен во УБК, сепак второосомничениот не извршил дополнување и појаснување, кое нешто било направено со цел да се прикрие фактот дека предмет на ништење се системите за следење на комуникации .
Со оглед дека решението не било изготвено, првоосомничениот реагирал во Сектрот за правни работи и управување со човечки ресурси, по што од Секторот е пристапено кон изготвување на решението по напатствија дадени од министерката за внатрешни работи. Така, на 23.03.2015 министерката за внатрешни работи (третоосомничената) формирала Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување на системи и техничка опрема во Управата за безбедност и контраразузнавање, без да ги има предвид одредбите од законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на постапување со класифицирани информации, без да има конкретен законски основ за формирање на комисија за ништење на средства и опрема, без да постои барање од сите организационите единици во Управата за безбедност и контраразузнавање согласно Упатството за вршење попис и без да изврши проверка дали предложените членови на Комисијата ги исполнуваат условите од член од 8 став 6 од Упатството за вршење на попис во Министерството за внатрешни работи.
На 26.03.2015 година Комисијата пристапила кон попис на системите и техничката опрема но само во Одделот за оперативно – техничка поддршка на операции и следниот ден на 27.03.2015, лицата задолжени за ракување со системот за следење на комуникации го исклучиле системот за следење на комуникации кој тогаш бил во употреба, за да наредниот ден на 28.03.2015 година пристапат кон товарење на системите и опремата кои биле предмет на попис и ништење, меѓу кои и двата система за следење на комуникации.
Ваквите системи и опрема со товарни возила, сопственост на МВР, биле однесени во отпад за старо железо, при што на лице место присутни биле и прво, второ и четвртоосомничениот. Четвртоосомничениот обезбедил логистичка поддршка за спроведување на ништењето, на начин што го организирал превозот до отпадот, го набљудувал процесот на ништењето и му дал налог на едно лице да изврши фото и видео документирање на настанот.
Откако целата опрема и системи биле ставени во пресата за ништење и пресувани, остатоците биле избалирани и оставени на отпадот, кој простор бил набљудуван од страна на припадници на Управа за безбедност и контраразузнавање, засега непознати за истрагата до 03.04.2015 година.
На 03.04.2015 година, без знаење и присуство на сите членови на Комисијата, а по налог на првоосомничениот, дел од членовите на Комисијата ги натовариле балираните делови од уништените системи и опрема, се упатиле во друг отпад каде балираните делови од системи и опрема биле ставени во дробилка и биле повторно здробени. Остатоците повторно биле вратени во првиот отпад.
Откако лицето што вршело видео и фото документирање на настанот на четвртоосомничениот му ги предал фото и видео записите изрежани на носач на меморија – ДВД диск, четвртоосомничениот, службениот материјал го уништил со цел прикривање на трагите, по што второосомничениот до Секторот за финансиски прашања при Министерството за внатрешни работи доставил допис на 28.05.2015 година, а со цел бришење на ништената опрема и системи од листите на задолжување на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Сепак дејствијата на осомничените лица не застанале тука.
Во периодот од втората половина на 2015 година до средината на март 2016 година, преземени се повеќе дејствија за фалсфикување на службени исправи.Имено, првоосомничениот со умисла ја поттикнал петтосомничената, технички документарист во Одделот, да изврши фалсификување на службена исправа и Известувањата за формирање на Комисијата од март 2015 да ги заведе во деловодната книга како да се изготвени во 2014 година.
Потоа второосомничениот, наводно постапувајќи по дописот на првоосомничениот, изготвил нов службен допис со цел да се прикаже дека наводната потреба за ништење на системите за следење на комуникации датира од претходно а не од месец март 2015 кога е спроведено ништењето и служел само како покритие на дописот на првоосомничениот.
Четвртоосомничениот, кој имал улога на помагач при вршење на кривичното дело, на ден 08.03.2016 година пред претставниците Специјалното обвинителство ги презентираше фалсификуваните деловодни книги. Беше очигледно дека се работи за фалсификати бидејќи заведувањата се правени без редослед и поврзаност.
Очекуваме во текот на истрагата да се провери и утврди улогата, инволвираноста и евентуалната одговорност на секој од членовите на Комисијата во постапката за ништење, како и да се утврди евентуална инволвираност и на други службени лица, го презентираше случајот пред јавноста обвинителката Фатиме Фетаи.