Зошто македонските скијачки центри ја загубија атрактивноста?

Од некогашен лидер, до безмалку губитник во битката со регионалната конкуренција. Македонските ски-центри стануваат се понеатрактивни. Експертите апелираат за сериозна стратегија за подобрување на состојбите. 

На Шапка и Маврово на еднодневно скијање, во Банско, Боровец или Копаоник на повеќедневен зимски одмор. Македонските ски-центри веќе сериозно каскаат зад конкуренцијата во регионот. Од некогашни главни прибежишта за вљубениците во зимските спортови, сега веќе тешко се борат и како крајна алтернатива за избор на зимска туристичка дестинација. Податоците дека дури 80% од Македонците ги преферираат Бугарија и Србија се можеби разочарувачки, но не и изненадувачки со оглед на состојбите во кои се наоѓаат домашните зимски центри. Потенцијал има, но неговата искористеност е речиси минимална. Експертите предупредуваат дека бавната модернизација наспроти експресната изградба на луксузни центри во соседството, е една од клучните причини што Македонија веќе со години регистрира намалување на бројот на ноќевања во домашните зимски центри:
„Планинскиот туризам е сложен вид туризам, тој подразбира одржување на инфраструктурата, подобрување на квалитетот на услугите во сместувањето, но и во анимацијата. Околните земји, како на пример Бугарија и Србија внесуваат содржини кои досега не беа застапени во планинскиот туризам, од типот на понуда со спа-пакети но и други придружни содржини. Ние не успеваме ниту во тој дел да се наметнеме како земја која во минатото на Балканот имаше значителна улога во развојот на овој вид туризам. Мора да се донесе стратегија, која за жал ја нема, да се зацртаат приоритетни цели кон промена на состојбите и како тие да се остварат. Секој организациски субјект да може да си го најде своето место во обезбедувањето на развојот, државата, локалната власт но и приватната иницијатива. Што се однесува до финансиите и приватните иницијативи очигледно е дека во Македонија тоа не е на највисоко ниво, не само во овој сектор, туку и во други. Причините за тоа се различни”, предупредува универзитетскиот професор Науме Маринковски.
Како една од причините доволно е да се наведе искуството на ски-центарот Кожуф кој од модерна и скапа инвестиција стана жртва на неодговорноста на надлежните институции. Милионскиот проект со амбиции да стане главен регионален центар е соочен со апсурден проблем. Беше изграден пат, но да се стигне до таму е невозможно зашто сега тој е забранет за сообраќај!?
„Ние сме најголемата гринфилд инвестиција во Македонија во туризмот. Владата донесе одлука и изгради регионален пат во должина од 17 километри по сите стандарди и можам да кажам како возач дека е еден од најдобрите планински патишта во регионот. Но за жал откако патот е предаден во употреба кон крајот на 2013-та година фирмата која е надлежна за негово одржување, ‘Македонија пат’, верувале или не, нема чепнато ниту едно камче. Редовно одржување не постои и тоа предизвика да се затнат сите одводни шахти, поткопување на асфалтот и во моментов патот е неупотреблив и затоа минатата година државниот инспектор за патишта го затвори. Поведовме и постапка против јавното претпријатие ‘Македонија пат’, бараме сами да го преземеме одржувањето на коловозот но правните пречки не спречуваат во тоа”, реагира Ангел Наков, извршен директор на ски центар „Кожуф”.
Зошто некој дозволил ваков апсурден проблем и дали некој ќе носи одговорност за тоа, одговор не добивме.
Идеите за модерни зимски центри во Македонија ги има од поодамна. Надлежните потрошија еден куп средства за студии, мастер проекти, тендери. За најголем дел од нив се тврди дека постои интерес, но не и реализација. Се уште нема ништо ниту од амбициозните најави за модернизација на Попова Шапка чиј мастер план предвидува инвестиции во износ од 30 милиони евра што треба да ја претворат Шапка во еден од најмодерните центри во регионот. Реализацијата на првата фаза беше планирана за 2017 но работите се уште тапкаат во место. Во фаза на мастер план е и проектот ски центар на Галичица. Реализацијата на овој проект се проценува на околу 76 милиони евра, а освен пројавен интерес засега нема и конкретна понуда од странски инвеститори. Подолго време се заговара идејата за скијачки центар и на планината Водно каде паралелно со втората фаза на изградбата на жичарницата се планира изградба на четири ски-патеки. И овој проект е во фаза на потрага по приватен инвеститор.

Останати вести