Снимките од прислушуваните разговори за “Скопје 2014” откриваат како однапред се договарале цените, и оние за материјалите користени при изведување на проектот, и оние за уметниците, но секако и за провизиите.
Како што пишува неделникот “Фокус” имало и снимки од кои станува јасно како споменик што вреди 100-тина илјади евра стигнувал до два милиона, па дури има и докази како се пренесувале парите. Она што е нишка на поврзување во повеќето прислушувани разговори е дека во сите нив се јавува името на поранешниот премиер, што во овој момент го прави кандидат за првоосомничен во мега случајот “Скопје 2014”, велат извори на неделникот.
Никола Груевски не се плаши од опозицијата толку колку што стравува од Специјалното јавно обвинителство. Колку и Зоран Заев да му изгледа на лесен плен и слаб противник на изборите, оти и натаму има некаква предност во анкетите, Катица Јанева му ги предизвикува несониците. Првите кошмари ги почуствува со досието ТНТ, за објектот „Космос” на Фијат Цановски. За прв пат Груевски се појави пред судија на претходна постапка, но сигурно однапред знаел дека нема да му биде одредена некоја мерка, пред се притвор, оти судот и натаму не сака да изрекува мерки за претпазливост за претставниците на власта, иако тоа многу едноставно и секогаш го применува во кривичните процеси на Јавното обвинителство.
Груевски во настапите несомнено дека се обидува да го претстави СЈО како политички орган поврзан со опозицијата и оти главна мета на специјалните обвинители се само функционерите на власта, без да признае дека тоа обвинителство се формираше токму за да го лови нивниот криминал зашто редовното обвинителство е толку исполитизирано што не смее да помисли, а камо ли да отвори некаква истрага против Груевистите. Обвинителството на Марко Зврлевски со месеци, а за некои случаи и со години, молчи за криминалот на власта и демонстрира наклонетост кон ВМРО ДПМНЕ, а тоа се преставува како професионализам и независност, а токму оние кои се обидуваат на законски и транаспарентен начин да го гонат криминалот, како што е СЈО, се етикетираат како платеници на опозицијата и на странците.
Но, ТНТ е само почетна експлозија за тоа што му претстои на Груевски. Ако се следи логиката на Ѓорге Иванов со тотално погрешната аболиција, тогаш јасно е дека експремиерот, кој нема да изненади ако одново се избере на таа позиција, има учествувано во најмалку пет кривични дела, а со оглед дека СЈО е се уште на стартот од делувањето очекувано е таа бројка да биде поголема.
Спомениците и тендерите за „Скопје 2014″ допираат до Груевски
Ако во некои предмети, како ТНТ, Груевски се појавува како спореден актер, сепак, СЈО истражува случаи во кои тој се јавува како главен протагонист на сомнителни дејствија. Предистрага е веќе отворена за проектот “Скопје 2014”, кој за многумина е пералница на пари. Во овој проект според досега направените новинарски истражувања се потрошија над 600 милиони евра. Иако содржината на аудио снимките не ни е позната, оти тие се во СЈО на преслушување, сепак првичните докази, велат нашите извори упатуваат на неколку слојна одговорност кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Прво, постојат докази како фирмите изведувачи конкурирале и како се местеле тендерите за нив, за изградба на некоја институција или споменик. Дури има снимки и материјали кои докажуваат како конкурентите кои не смееле да добијат тендер биле исфрлани од игра со цел парите да завршат кај некоја партиска фирма, партиски пријател или некој кој потоа ќе и се оддолжи на партијата.
Многу од снимките за “Скопје 2014″ го отвораат криминалот со спомениците, како тие се договорале, како се избирале кои „јунаци” од историјата ќе завршат на коњ, а кои само на постамент, како со нив ќе се „купува” патриотскиот глас на граѓаните. Интересно е што на некои снимки многумина од партиското раководство, па дури и првите соработници на Груевски, коментираат како нивниот лидер „забегал” со спомениците. На една снимка, наводно, се слуша глас на партиски соработник на Груевски, во неможност цел ден да стапи во контакт со премиерот, како нервозно коментира, најверојатно на секретарката, дека наместо со државнички работи шефот се занимавал со споменици кои според соговорникот ги имало на секој чекор и веќе граѓаните се сопнувале на нив?!
Многу од снимките откриваат како однапред се договарале цените, и оние за материјалите користени при изведување на проектот, и оние за уметниците, но секако и за провизиите. Изворите на Фокус откриваат дека има снимки од кои станува јасно како споменик што вреди 100-тина илјади евра стигнувал до два милиона, па дури има и докази како се пренесувале парите?
СЈО објави дека има отворено предистрага за проектот и официјално ништо не соопштува додека не отвори истрага и не предложи мерки притвор. Освен Груевски, кој нашите извори во СЈО неофицијално го најавуваат како првоосомничен, на одговорност ќе бидат повикани уште многумина функционери на ВМРО ДПМНЕ, сопственици на фирми кои учествувале на тендерите, а не се исклучува да настрада и некој од „уметничките” творци на проектот. Од снимките станува јасно дека целта била да се украдат пари и да се поделат провизии, а не да се направи Скопје модерен и функционален град како што го прикажува ВМРО ДПМНЕ.
Поттикнати од аудио-снимките специјалните обвинители веќе имаат извршено претреси и одземено значајна документација за проектот, иако се стравува дека голем дел од материјалите не постојат, затоа што се уништени или сокриени, но и за тоа ќе дојде време кога некој ќе одговара кривично.
Со оглед дека е јасно оти ВМРО ДПМНЕ не може да ја укине опозицијата и ќе мора да се соочи со неа на избори, откако ќе се обезбедат услови за фер и демократски, партијата ќе удри против специјалните обвинители за да се спречи Скопје 2104 и воопшто да се отвори.
Пред формирањето на СЈО буквално во секој предмет на Зврлевски судот одредуваше притвор и тоа без многу мислење и аргументирање. Сега, кога Катица ја гони власта, притворот стана недостижна мерка. Зошто? Зарем специјалните обвинители кои претходно биле во тимот на Зврлевски и успевале да го убедат судот да одреди мерка притвор во други процеси, сега од новата позиција не знаат да напишат барање за притвор? Не знаат да водат истрага? Како наеднаш тие обвинители станаа неподобни и непрофесионални, па уште и политички определени?
Уставен на трети август ќе го укине СЈО?
“Фокус” од партиски извори во владејачката партија има информации дека во тимот на Груевски сериозно се крои стратегија како да се уништи тимот на Јанева. Се прави план како на 3 август, сред лето, во празнични денови, да се натераат судиите послушници во Уставен суд да го укинат Јавното обвинителство. Факт е дека СЈО не претставува институционален паралелизам, туку само реорганизација на постоечкиот систем или начин да се отстранат силните политички влијанија на невидливата рака врз редовното јавно обвинителство. Аргументи кои може да ги користат судиите во правец на тоа дека СЈО е уставно се неговото времетраење и специфичноста на постапките што ги води. Со оглед дека на СЈО му е определен рок од 18 месеци за покренување обвинителни акти или запирање на постапката, но и дека се занимава исклучиво со кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните снимки, што значи дејноста му се конкретизира, тоа не може да биде противуставно.
(“Фокус”)