Се одржа 34. Скопски џез-фестивал

Осум концерти во четири вечери во Македонската опера и балет и уште два во полноќната програма во „Сити хол” донесе годинашниот 34-ти Скопски џез фестивал. 

Фестивалот започна на 15 октомври со концерт на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер, по кого настапи Џанлука Петрела – меѓународно реномиран тромбонист и еден од најголемите претставници на италијанскиот џез во светот.
На 16 октомври следуваше гостување на германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, а потоа настапи и триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.
На 17 октомври беа концертите на американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн, кому лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар пијанист, а по него гостуваше и неговиот сонародник – џез-пејачот и композитор Грегори Портер, чиј албум „Liquid Spirit” имаше голем комерцијален успех и освои награда „Греми” за најдобар вокален џез-албум.
На завршната вечер на 18 октомври настапи канадскиот тандем – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци, а по нив, за крај на годинашниот Скопски џез-фестивал, концерт имаше осумчлениот шведски бенд „Англес 8″ кој свири современ џез, комбинација од разновидни музички влијанија.

Останати вести