Актуелни и врвни имиња во џез-музиката од САД, Европа и Африка настапија на Скопскиот џез-фестивал за 36-тото издание кое се одржа од 19-ти до 22 октомври.
– Ексклузивно за единствен европски концерт, од Чикаго дојде една од најдобрите џез-пејачки во светот – Ди Александер, а од САД настапија уште две легендарни имиња: Марк Рибо со проектот Јанг Филаделфијанс (The Young Philadelphians) и Стив Колмен со легендарните Фајв елементс (Five Elements).
Од Норвешка гостуваа два големи ансамбла – Трондхејм Џез Оркестра (Trondheim Jazz Orchestra) со Оле Мортен Ваган и Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит (Paal Nilssen-Love Large Unit).
Еден од најдобрите светски џез пијанисти, Крег Тејборн, исто така настапи со својот квартет, а гостуваа и две европски триа – Триото на Давид Хелбок и Интерзоне на Марио Ром.
Афро-бит легендите Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс (Heliocentrics) и Ентони Џозеф со својата група имаа два полноќни настапи.
Концертите се одржуваа во Македонската опера и во Дансинг-салата на Младинскиот културен центар. На годинашниот Скопски џез-фестивал имаше и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација.