ТРЕНЕРОТ ТРЕБА ПОСТОЈАНО ДА СЕ НАДГРАДУВА
Славче Соколовски поради повреда прерано го напушти фудбалот како активен играч, беше талентиран, играше во сите селекции на фудбалската репрезентација на Македонија, но фудбалот е со него, живее во него.
Тој моментно е асистент тренер на Владо Тортевски во Алтона Меџик Вардар, задолжен е за физичката подготвеност на играчите. Задоволен е што работи со Тортевски кого го смета за еден од подобрите фудбалски стручњаци кој си ја знае својата работа.
Соколовски е млад, има 31 година и е роден во Скопје. Дипломирал на ДИФ Факултетот за физичка култура и е професор, а исто така има и диплома од Академијата за фитнес и бизнис во Лондон. Овде, во Мелбурн, поседува сертификат 3-4 за физички инструктор и персонален тренер, во моментов е во последниот семестар… Ќе се здобие со уште една диплома за спорт и рекреација и менаџмент, спортски директор и менаџер за сите спортски активности.
-Како фудбалер првите чекори ги направив во ССК Младинец од Скопје. Во кадетска конкуренција го освоивме и Купот, а потоа кариерата ја продолжив во Работнички, најпрвин како младинец, а потоа дебитирав и во сениорскиот тим на 18 години. Од Работнички заминав во Слога Југомагнат, па во Цементарница, на крајот во Младост од Сухо Поле, Хрватска. Кариерата ја завршив рано, на 26 години, дојдов овде, во Мелбурн, да почнам нешто ново, да одам напред со фудбалот, и како тренер, и како инструктор, вели за себе скромниот Славче Соколовски.
Славче Соколовски за доаѓањето во Мелбурн и во Алтона Меџик Вардар му е благодарен на претседателот Игор Георгиевски за кого вели дека е човек со големи амбиции во спортот и фудбалот.
-Игор го сака фудбалот, вложува доста и ние сите треба да му бидеме благодарни, зашто вакви луѓе нема многу. Овој денешен тим на Алтона Меџик Вардар и се околу него се негови дела, вели Славче.
Тој работи како асистент на Владо Тортевски, но е и тренер на младите категории во клубот до 14 години, кои се натпреваруваат во Вест А лигата и се на прво место, без пораз. Досега пет средби, пет убедливи победи.
-Имам талентирани млади деца кои се иднина на клубот. Неколку од нив веќе играат и во резервниот тим на Алтона Меџик Вардар. Ако вака напредуваат, продолжат, верувам дека ќе бидат идни столбови на првата екипа, истакна Славче Соколовски.
Инаку, првиот тим на Алтона Меџик Вардар сигурно и цврсто гази во Првата фудбалска лига на Викторија: “Имаме навистина силна екипа која е подготвена за сите искушенија. Условите се одлични, работиме тимски и проектот се остварува, истакна на крајот амбициозниот тренер Славче Соколовски.
Трајче Бошковски