Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев одржа прес-конференција по завршувањето на референдумот. Тој порача дека е среќен и задоволен од исходот, но дека следи следниот чекор од Договорот – усвојување на уставните измени во Собранието.
– Јас сум денеска релаксиран, среќен, моите граѓани се изјаснија. Тоа е убавината на демократијата. Европска Македонија доби повеќе гласови „за” од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Дури и ако беше постигнат цензусот овој резултат од 600.000 граѓани ќе значеше јасна определба за европска Македонија. Народот направи многу важен избор. Одлуката што ја донесe денеска не беше лесна, но мораше да биде донесена. Сега, кога имаме мнозинска изразена волја за европска Македонија, време е пратениците да го следат гласот на мнозинството за да обезбедиме подобра иднина – рече Заев и им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат „за” и „против”.
Тој упати благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, презедоа одговорност за својата татковина и гласаа по сопствена волја.
– Знам јас, знае опозицијата, а знаат и граѓаните дека подобар договор со Грција нема и не може да има. Членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива и не може да има. Да не си играме играчки со нашата иднина и со нашата Македонија. Упатувам лична покана до секој член на парламентот да ги оставиме настрана партиските интереси. Ова прашање е поголемо од сите нас. Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобро место за живеење на секој граѓанин – порача Заев.
Во следните неколку дена ќе се направат напори да се разговара со пратениците дали ќе се оформи двотретинско мнозинство за да поминат уставните измени. Ако не, ќе се премине на предвремени парламентарни избори, изјави премиерот Зоран Заев.
– Ако се оди по сите рокови изборите би можеле да бидат на крајот на ноември – рече тој.
Заев не знае колку пратеници би гласале во моментов, но знае дека се потребни 80 пратеници како двотретинско мнозинство.
– Изборите не би требало да бидат најпосакуваната опција. Првиот повик е најважен. Да ги оставиме суетите настрана. Да не си играме играчки, да ги ставиме интересите на сите граѓани пред сите нас – порача тој и ги повика сите, како што рече, одговорни лидери, секој пратеник да се обединат и да ја одведат нашата земја каде што припаѓа во ЕУ и во НАТО.
На новинарско прашање што ќе преземе натаму тој рече:
– Ќе направам сè. Ќе побарам и средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ако треба и со раководството – заврши премиерот.