Слободанка Јончевска, македонка што се бореше против aвстралискиот рударски гигант

Кога Слободанка Јончевска од Македонија, на 22 години, пристигнала на брегот на Новиот Јужен Велс во Австралија, едвај зборувала англиски. 17 години подоцна, таа ќе стане една од малку познатите пионерки кои ја обликувале историјата на Австралија. Во 1989, се нашла пред највисокиот суд во Австралија, како дел од најголемиот и најдолгиот судски процес на родова дискриминација во историјата на континентов.

„Се трудев да обезбедам подобра иднина”, вели, Слободанка, сега 70-годишна, во пресрет на документарецот „Челични жени” кој е посветен на историската правна битка против рударскиот гигант BHP. Филмот, финалист за наградата за најдобар документарец на Филмскиот фестивал во Сиднеј, започнува во 1980 кога група жени во Волонгонг бараат да можат да работат на исти работни позиции заедно со мажите во железарата во Порт Кембла.
Во 1980-ите влијанието на компанијата BHP во земјата било толку распространето што го имаше прекарот „Голема Австралија”. Железарата, подружница на BHP, вработувала околу 20 000 луѓе во раните 1980-ти, многу од нив мигранти од Македонија, Турција, Хрватска, Грција и Шпанија.
Но и покрај потребата за неквалификувани работници, компанијата одбивала да вработува жени на пвеќето позиции, освен на мал број услужни позиции.
Податоци од тоа време покажуваат дека повеќе од 2000 жени, главно нови мигрантки, биле на листи за чекање, додека мажи биле најмувани во голем број. Некои жени чекале и до седум години, и покрај неодамна донесените закони за забрана на дискриминација врз основа на раса, род и брачен статус.
Група локални жени одбиени од железарата – вклучително и Робин Марфи, режисерката на документарецот – решиле да постават шатор со назнака „Работа за жени” близу фабриката и делеле памфлети на „седум различни јазици”, поттикнувајќи ги жените да се придружат на кампањата.
„Кога се доселив во Волонгонг, увидов колку беше очајна заедницата, особено мигрантите, во однос на вработување – а BHP беше главниот работодавач во целиот регион (…) Откривме дека за жените кои се обидуваа да аплицираат на позиции во железарата имаше посебна листа на чекање. Значи, ќе одите да аплицирате за работа и компанијата ќе ви рече дека немаат работа за жени.”, вели Робин. „Антидискриминационата легислатива беше на сила повеќе од три години, но не беше спроведувана во Волонгонг.”
Слободанка претходно била вработена во BHP но ја напуштила работата за да се грижи за своите дееца. Кога шест години подоцна побарала повторно врабоување, ѝ било речено: „Сега си мајка, седи дома и грижи си се за децата”. Набрзо потоа, налетала на памфлет на македонски јазик диструбуиран од кампањата „Работа за жени” и решила да им се придружи.
Групата не очекувала кампањата да трае 14 години, кулминирајќи во добиен судски процес против BHP, што ќе го трасира патот за жените-работнички.
„Клучно за нашата кампања беше да имаме вклучено жени-мигрантки меѓу нашите членови”, вели Робин. „Фактот што дел од жените не знаеја добро англиски значеше дека тие мораа да имаат силна доверба во главните организаторки, но многу се трудевме секогаш да дејствуваме во име на сите.”
Тогаш, компанијата како резултат на кампањата се согласила да вработи повеќе од 150 жени. Но неколку години подоцна, во 1982 година, дошло до големи отпуштања, кои во индустријата се одвивале по принципот „последно вработените први се отпуштаат”. Тоа ги направило жените најпогодената група.
Жените поднеле жалба до Трибуналот за еднакви можности во име на 34 жени, тврдејќи дека да не биле подложени на дискриминација уште при аплицирањето за работа, сега не би ги изгубиле своите работни места. Во 1986 трибуналот пресудил во полза на жените, доделувајќи им повеќе од 1 милион долари. Жалбата на BHP до врховниот суд била одбиена.

Останати вести