„Смитсонијан“ објави изворни македонски песни снимени пред половина век

МАKЕДОНСKА МУЗИKА ПРВПАТ ВО ИЗДАНИЕ НА НАЈГОЛЕМИОТ МУЗЕЈ ВО СВЕТОТ
Седумнаесет изворни македонски композиции, изведени од локални изведувачи во шеесетите и седумдесеттите години на минатиот век, се објавени на првото ЦеДе со македонска музика, кое го објавува американскиот национален музеј „Смитсонијан”, најголемиот музеј во светот.

ЦеДето во Скопје го промовираа министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска и претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Kолоски, кој нагласи дека ова е прво цеде со музика од Македонија што музејот „Смитсонијан” го објавува во својата историја.
Албумот со 17 македонски изворни мелодии „Играј до последен здив” е дело на Мартин Kениг, етнограф и еден од најголемите собирачи и промотори на традиционална и етномузика во САД, особено на балканската. Kениг е претставник на Smithsonian Folksways Recording, непрофитна издавачка куќа на националниот музеј на САД.
– Пред речиси 50 години дојдов во Македонија да ја снимам овдешната музика. Носев многу добар тонски инженер и десет сандаци со опрема. Снимавме на три локации: во Гевгелија, во гевгелиското село Петрово и во Велес. Но, за несреќа, кога се вратив во САД, бев распореден на друга позиција и тамошните обврски не ми дозволија собраниот материјал да го обработам и издадам. Снимените ленти останаа 43 години на полиците да собираат прав – раскажува Kениг, кој последен пат во Македонија бил во 1973 година, кога носел покана за македонски музичари и танчари да учествуваат на фестивал на „Смитсонијан” по повод 200 годишнината од американската независност.
Една од причините зошто снимките порано не биле објавени, вели продуцентот, е што ваков проект е невозможно да се изведе сам.
– Пред три години му се јавив на Мето (Kолоски) и го прашав дали може да собере една третина од парите потребни за проектот, оти јас веќе собрав две третини. Тој вклучи повеќе од сто луѓе, семејства, кои ги собраа преостанатите потребни средства – вели Kениг. Проектот на „Смитсонијан” чинел 93.000 долари, што значи дека македонската заедница во Северна америка донирала 30 илјади долари.
– „Смитсонијан” нема да продаде којзнае колкав број примероци од ова цеде. Ова не е издание на Мајкл Џексон. Но, ова цеде беше далеку подобро презентирано и повеќе дистрибуирано од кое било друго вакво издание. Важно е што „Смитсонијан” овој албум ќе го дистрибуира секаде во светот – вели Kениг.
Институцијата „Смитсонијан”, која обединува 19 музеи и 9 истражувачки центри, е најголемиот музејски центар во светот. Националниот музеј на САД е основан во 1846 година од американската влада за да го „зголемува и шири знаењето”.

Атанас Kоларовски од Драчево му бил инспирација на американскиот фолклорист

Танчарот Атанас Kоларовски од Драчево е една од инспирациите за мојата работа, вели Мартин Kениг.
– Во 1963 година во Kвинс, Њујорк, бев на музичка работилница на Атанас. Тоа што го видов ме собори – еден танчар без формално образование кој танцува со таква вештина и убавина, што сакав да станам како него. Подоцна, кога работев во Македонија, Атанас ме однесе на свадба во Драчево. Таму го фотографирав, а по 43 години го најдов негативот од фотографијата. И токму таа фотографија е на насловната страница на каталогот за овој албум – вели Kениг.

Мартин Кениг беше почесен гостин при промоцијата во Скопје

Останати вести