Рускиот авантурист Фјодор Kоњухов во вторникот попладне полета од Западна Австралија со цел да го собори светскиот рекорд во самостоен лет со балон околу светот, пренесоа медиумите.
Kоњухов, кој е стар 65 години, се надева дека ќе го урне рекордот од 13 дена, кој во 2002 година го постави Американецот Стив Фосет, кој полета од истата точка северно од Перт.
– Сакам да патувам, навистина. Имав 15 години кога тргнав во првата авантура. Тоа е мојот начин на живот – изјави Kоњухов за државната телевизија ABC пред да полета.
Тој планира да прелета околу 33.000 километри на исток преку Австралија, Нов Зеланд, Тихиот Океан, Чиле, Аргентина, Атланкиот Океан, Јужноафриканската Република, Индискиот Океан и назад до Западна Австралија.
Балонот ќе достигнува брзини од 300 километри на час и височини меѓу 5.000 и 8.000 метри, каде температурите се до 40 степени под нулата. Kоњухов ќе биде во постојан контакт со контролниот центар во Белгија, кој ќе го информира за метеоролошките услови.
Претходните авантури на овој Русин вклучуваат едрење околу светот, пешачење до Северниот Пол и до Јужниот Пол, искачување на Монт Еверест, како и веслање преку Тихиот Океан за 160 дена.