Со жив ѕид го бранеа кардиналот

На планираниот протест и со негодување на голем број луѓе кои се собраа пред зградата на Судот за прекршоци во Мелбурн, се појави и кардиналот на Католичката црква Џорџ Пел.

Голем број полицајци го спроведоа до зградата на судот и му помогнаа да се пробие низ масата луѓе кои му довикуваа навреди. По претресот претставникот на правниот тим на Џорџ Пел изјави дека некои од обвиненијата со кои се товари кардиналот се ставаат на тест „затоа што едноставно не можеле да се случат”. Според одлука на судот, Пел го очекува едномесечно прелиминарно сослушување, предвидено за март следната година, кога ќе се обиде да ја тргне дамката од своето име. Обвиненијата се однесуваат на сериозни сексуални злочини, кои до темел ја разнишаа Католичката црква. Кардиналот и претходно го образложи привременото напуштање на должноста финасиски начелник во Ватикан, а во четвртокот се појави на вториот претрес од кога е обвинет минатиот јуни. Иако пред судницата се појавија помалку луѓе, отколку за неговото прво појавување на суд, кардиналот додека влегувал и излегувал од судот го дочекуваше маса незадоволни луѓе. Секако, таму беа и многубројните новинарски екипи. За време на претресот, неговиот правен застапник – познатиот адвокат Робер Ричер, најави оти неговиот клиент се брани против секое обвинение со кое е соочен пред судот. Адвокатот изнесе тврдење оти е „невозможно” воопшто да се случиле, обвиненијата кои се изнесуваат во овој историски случај, околу сексуалното напатствување во катедралата Св. Патрик. „Бесмислица е дека тоа воопшто можело да се случи, тоа мора да се испита” – рече Роберт Ричер и најави оти токму тоа и ќе го докаже на сослушувањето закажано за 5 март 2018 година. Планира пред суд да донесе десетина сведоци, меѓу кои и тогашни членови на машкиот детски хор, кои на барање на обвинителството ќе бидат испитани за време на прелиминарното сослушување кое ќе трае еден месец. Судот е обавестен оти најмалку 55 сведоци доставиле писмено сведочење до полицијата, но не е јасно колку од нив правниот тим на кардиналот Пел ќе ги повика на вкрстено испитување. За време на процедуралниот претрес кој се одржа минатата недела, судот одлучуваше за деталите на вркстеното испитување. Адвокатот Ричер најави дека повеќето од неговите прашања ќе бидат „кратки и јасни”. Изјави и дека од клучна важност е големиот број сведоци правилно да се подготват за судењето.
Судијата за прекршоци Белина Волингтон го одби барањето на адвокатот на обвинетиот Пел, вкрстено да испитуваат пет сведоци кои тие ги бараат, сметајќи дека тоа би било надвор од она што е наведено во нивните пишани изјави, дадени во полиција. Во судницата, кардиналот Пел седеше во друштво на две жени, меѓу кои беше и Катарина Ли, неговата претставничка за медиуми. За време на претресот тивко им се обраќаше, а судот не му постави прашања. Кардиналот нема законска обврска да се појави во судницата, бидејќи ова е процедурален претрес, но сепак инсистирал да биде таму. Во време на влегување и излегување од судницата, Џорџ Пел не сакаше да одговара на новинарски прашања. Силното полициско обезбедување помогна да се избегнат лоши сцени кои се видени за време на неговото прво доаѓање во зградата на судот. Полицајците направија жив ѕид за да му овозможат на кардиналот слободно да помине, а ги отргнуваа големиот број новинари и камермани кои се обидуваа да му пријдат на кардиналот. Престоечкото судење сигурно влегува во правните анали на Австралија, затоа што на обвинителната клупа ќе се појави, до сега, највисоко рангиран претставник на Католичката црква под обвинение за сексуални кривични дела. За да се појави на суд, Пел доби право на одстуство од Ватикан. Пред прелиминарното сослушување, планиран е уште еден процедурален претрес.

Останати вести