Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на пратениците од СДСМ им рече дека мора да прифатат било каква уцена, да донесат закон кој е противуставен, само за да добијат некој глас од Албанците за да го сочуваат тенкото парламентарно мнозинство и да го задржат нелегитимниот начин на владење.
Собраниската битка за законот за употреба на јазиците се најде на пленарна седница а дебатата се измеша со познатите обвинувања за криминал, ширење на национална омраза, закани и кршење на деловничката процедура. Прашањата за правата на малцинствата и цитати од Блаже Конески, Крсте Петков Мисирков и други македонски дејци беа дел од менито на собраниската расправа. Сите пратеници се согласни само во едно, дека треба да се реши овој јазичен јаз, но нивните ставови се судираа околу начинот и времето кога треба да се пристапи кон негово решавање.
Пратениците од опозицијата обвинуваат дека разгледувањето на Предлог-законот е само политичка игра на владејачката ДУИ во предизборна кампања, со што политички се уценува СДСМ. Илија Димовски оцени дека речиси цел закон е спротивен со Уставот и излегува надвор од Рамковниот договор. Според Димовски, со овој закон треба уште да се прикрие, како што рече, неспособноста на градоначалниците на Тетово, Арачиново и Чаир да го подобрат животот на своите сограѓани.
– Ова е класичен политички маркетинг кој што треба да покрие тоа што госпоѓата Теута Арифи не изгради ниту една улица во Тетово, освен две улици од која една води до нејзиниот имот. Треба да се покријат ситуациите со граѓаните од општина Чаир, треба да значи покривање на грешките во Арачиново, зашто имале пари за канализација, а не ја изградиле, рече Димовски.
Тој обвини дека со овој закон се покриваат коруптивните афери, скандали и неостварени ветувања кон албанското гласачко тело.
– Законот се носи пред одржувањето на локалните избори како барање на ДУИ и уцена на СДСМ со цел да се покрие корупцијата, скандалите, лошото раководење на градоначалниците од ДУИ, лошата инфраструктура, и да се покриат лошите услови за живеење на Албанците во општините кои раководи ДУИ. Со Законот ДУИ сака да ги покрие своите катастрофални пропусти во 15-годишното практикување на власта, кажа Димовски и побара широка јавна дискусија во која ќе биде вклучена и стручната јавност.
За пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски, обвинувањата на опозицијата дека законот за употреба на јазици ќе донесе меѓуетнички поделби и проблеми е само ширење на национална омраза. Тој посочи дека е разочаран од своите колеги пратеници, затоа што секој од нив во себе носел или голем Албанец или голем Македонец, но ниту еден од нив не е реален.
– Вие многу се борите тука – законот ова, законот она, нема тука гачки. Законот мора да се реши и смирете се, исфрлете ја националната омраза. Многу ми е мило што сум тука, ама жал ми е за едно. Јас мислев дека во оваа сала се друга врста на луѓе, но многу сум разочаран, подобро ми беше со овчарите во село, тие беа логични, секој збор го велеа на свое место, а вие зборувате без везе. Дајте, бе луѓе, да зборуваме и живееме заедно. Смирете се и мислете малку со главата, рече Манојловски.
На ова со контрареплика возврати Димовски.
– Чичко Бранко, национална омраза е да ги оставите граѓаните на Тетово да дишат канцероген воздух, а тоа го правеше ДУИ. Национална омраза е за секое вработување на наш сограѓанин Албанец преку Охридскиот рамковен договор да барате поткуп од пет илјади евра, а тоа го правеше ДУИ. Затоа, чичко Бранко, убави се романтичарските говори, но ве молам немојте да ги покривате вашите колеги од ДУИ кои своето неработење и криминал сакаат да го покријат со ваков закон со прекршување на Устав, Деловник и Охридски рамковен договор во очи на избори, возврати Димовски.
И СДСМ ќе поднесува амандмани, незадоволен од понудениот текст!?
Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ посочи дека овој Предлог-закон не е доволно добар и дека СДСМ ќе поднесе амандмани, но и дека ќе учествува во дебата за подобрување на текстот на законот.