Собранието ја отфрли интерпелацијата за Димитров

Пратениците во Собранието во понеделникот, на неколку минути пред полноќ, ја отфрлија интерпелацијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров. „За” интерпелација гласаа 43 пратеника на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а „против” гласаа 56 од парламентарното мнозинство.

Пратеникот Антониjo Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата, рече ВМРО-ДПМНЕ ја поднела за да се спречи распродавањето на државните интереси.
– Никола Димитров како министер за надворешни работи потпиша договор со соседна Република Бугарија којшто за Софија е многу поволен, но за Република Македонија е штетен. Никола Димитров како министер за надворешни работи по однос на евроинтеграциите пред Комисијата за надворешна политика промовираше принцип на инклузивност каде што власта и опозицијата ќе работат заедно, а на првата прилика каде што можеше да ја покаже таа инклузивност без ниеден законски основ го отстрани Александар Николовски кој ги помина сите процедури да биде амбасадор на Република Македонија во ЕУ, кажа Милошоски.
– По однос на тврдењето дека регионалната соработка на Македонија се унапредила, најдобриот одговор на ова прашање го дава средбата одржана на 13 јули во Солун, каде што претседателот на Србија и министерот за надворешни работи на Србија, премиерот на Грција и министерот за надворешни работи, премиерот на Бугарија и министерката за надворешни работи имаа трилатерална средба на која што разговараа за регионот, меѓу другото разговараа и за Македонија, а Македонија не беше присутна, нагласи Милошоски.
Третата работа, како што истакна, е немање јасен и конкоретне став по однос на темата за мигранти.
– Темата за мигранти е една од најактуелните теми во Германија, во Унгарија, во Полска, во Србија, во Турција, во Грција, во Италија. Имаме добри информации дека од Република Македонија се барало и се бара од Србија, од Хрватска, од Унгарија, од Словенија се барало и се бара да ги зголемат своите капацитети за прием, населување, социјални права по однос на темата мигранти, нагласи Милошоски.
Тој рече дека идеологијата на министерот Димитров е кариеризмот.
– Видете ја неговата биографија и ќе видите дека кариерата секогаш била првиот приоритет во неговата идеологија, без разлика кој е на власт: дали Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Никола Груевски или Зоран Заев, нагласи Милошоски.
Ова беше прва расправа за интерпелација за министер од Владата на Зоран Заев. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, објави дека во продолжение пратениците ќе расправат за следните интерпелации – на министрите за замјоделство Љупчо Николовски и за труд и социјална политика Мила Царовска.
Пратениците потоа до крајот на оваа недела треба да ги разгледаат поднесените интерпелации за уште четворица министри.

Останати вести