Собранието не се активира – состојбата се комплицира

Група од 30-ина пратеници бараат свикување на Собранието за да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за нова вонредна состојба. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак стравуваат дека целта е Собранието да ги потврди владините уредби кои не се однесуваат на пандемијата.

Останува претседателот на Собранието Талат Џафери да се преиспита и да одлучи дали да ги повика пратениците да се вратат во собраниските клупи.
Инаку, на списокот потпис ставија пратеници од владејачката СДСМ, од езависната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, од опозициските ДПА, Алијансата за Албанците и од Беса. Иницијативата содржи две точки: свикување на седница за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски за вонредна состојба 2 и за ставање во работа на парламентот кој на 16 февруари се распушти во очекување на избори.
Аналитичарот Владимир Божиновски вели дека не му е јасно зошто сега до Собранието се поднесува ваква иницијатива кога, како што вели, сега нема потреба за тоа. Тој додава дека пред месец ипол за тоа имаше потреба, ама сега во овој момент нема потреба, особено што според Деловникот повторно одлуката за свикување на Собранието треба да ја донесе неговиот претседател Талат Џафери.
– Не ја гледам причината зошто сакаат сега да се свика парламентот, освен ако не е она што го зборува опозицијата – за да се потврдат одредени уредби коишто се донесени сега, а немаат врска со кризата, вели Божиновски.
Според Уставот прогласувањето на вонредна состојба и во неа донесените владините уредби (со сила на закони) Собранието треба да ги потврди или оспори.
Божиновски додава дека постои шпекулација оти со свикувањето на Собранието СДСМ сака да озваничи нова владина коалиција ама без ДУИ. А Талат Џафери не сака да го дозволи тоа и атоа не свикува нова седница.
Но по вонредната состојба ќе треба во најскоро време да се организираат и парламентарните избори. Беа прекинати со владина одлука поради немањето услови да се одржат и, како што толкува СДСМ, процедурите ќе треба да си продолжат онаму каде то застанале.
– Во ситуација кога сите сме по дома, не гледам начин како некој ќе се обиде да ги оправда изборите кои би се одржале во наредниве месец или два кога сите сме во посебни рестриктивни мерки, вели Божиновски.
Непотребни компликации – од готово вересија
Претседателот Стево Пендаровски, пак, кога прогласи вонредна состојба по втор пат, посочи дека и пратениците треба да преземат одговорност.
– Уставот има празнина, но не можеме да се криеме позади флоскули и правни празнини во ваква ситуација кога поради пандемијата со коронавирус ни се загрозени здравјето и животот на сите. Пратениците земаат плата и никој од нив нема побарано апанажа. А и да побараат, нема да добијат, зашто мандатот не им е завршен, изјави Пендаровски.
Џафери велеше дека пратениците не можат да се вратат во собраниските клупи затоа што со распуштањето го вратиле мандатот кај граѓаните и дека и тој е претседател во заминување со ограничени административни надлежности.
– Тоа што пратениците на хартија продолжуваат да се пратеници и дека земаат плата во ова ситуација е минорно. Тоа е законско решение за кое кој било што смета дека е непотребно многу лесно може да покрене иницијатива пред Уставниот суд, рече Џафери кога одби да го свика Собранието.
Институтот за демократија во еден од своите извештаи посочи дека според одлука на Уставен суд од 2016 година пратениците навистина не можат повторно да заседаваат по одлука за самораспуштање, “освен во услови на воена или вонредна состојва”.
Партијата Левица, пак, втората одлука за вонредна состојба на Пендаровски ја оспори пред Уставниот суд, тврдејќи дека претседателот ги надминал своите овластувања и волунтаристички донел нова одлука по истекот на максимално предвидените 30 дена, со што го дуплирал рокот без уставен основ за тоа.
Избори кога ќе има услови за тоа
Во меѓувреме изборниот процес е во мирување, па новиот датум за избори ќе треба да го одреди ДИК според роковите кои преостанаа по завршувањето на вонредната состојба
Партиите на избори ќе бараат поддршка од граѓаните откако ќе помине вонредната состојба, односно откако Владата ќе даде извештај кога ќе бидат надминати причините поради кои е утврдена вонредната состојба. Пратениците нема да бидат повикани да одредат нов датум за избори затоа што со уредбата која ја донела владата на 22 март, сите изборни процеси се ставени во мирување. Тоа значи дека Државната изборна комисија ќе треба да продолжи онаму каде што застанала со работата пред прогласувањето на вонредната состојба.
По завршувањето на здравствената криза, ДИК ќе има задача да донесе нов ревидиран роковник во кој што ќе ги утврди преостанатите дејствија кои најмногу ќе се однесуваат на избирачкиот список.
Хипотетички кажано, ако на 16 мај заврши вонредната состојба и се укинат условите за нејзино продолжување, тогаш датумот за избори би требало да биде во почетокот на јуни.

Останати вести