Минатата сабота во просториите на Civic Theatre во Хрсвил, предградие на Сиднеј, премиерно се прикажа драмата „Сонце мое – My Sunshine” од Душан Ристевски во режија на Стефо Нанцу.
Главната улога и беше доверена на Валентина Апостоловска. Во карактерот на Дана ги видовме нашите сопруги, старатели, мајки соочени со секојдневни предизвици – емоцијално не надразни да си погледнеме подлабоко во нашите души. Потоа Васко Србиновски во карактерот на Бранко не донесе до реалноста – страдање од деменција со која многу луѓе во своите одминати години се соочуваат па поприфатливо е да се гледа смешната-комичната страна на оваа опака болест. Јаворка Котевска во улогата на Грозда ни ја покажа една самохрана мајка која цел живот и го посветила на својата ќерка со интелектуална попреченост. Зоран Гулабоски повторно се покажа како актер кој длабоко завлегува во карактерите, успешно го прикажа депресивниот Пецо кој се „дружи” со инвалидската количка. Мена Ристевска на сцена ни прикажа еден мошне тежок карактер, Наташа, која покрај својата попреченост „живее во свет на млади години” и преку нејзините игри не доближи до реалноста да се живее во еден поинаков непознат за нас свет. Татјана Нешковска, со карактерот на Ребека ни ја покажа не само професионалната страна туку и добрата-човечката страна што социјалните работници ја поседуваат. Антонио Нешковски во улогата на Горан ни претстави еден лик кој од сите во семејството е „заборавен” бидејќи нема специфични проблеми. Никола Апостоловски преку ликот на Бил донесе една свежина во драмата и се покажа дека треба „смешната страна” да ја прифатиме и да уживаме во животот. Стефо Нанцу со улогата на Сем не донесе поблиску до луѓето кои страдаат од церебрална парализа и овој лик го одигра уверливо.
Покрај премиерната изведба драмата „Сонце мое” два пати се изведе во неделата а следните претстави се во Bankstown Polish Club (11 East Terrace Bankstown) на 11 ноември во 2 и 7 часот и во Wollongong во Sun Lounge Centre (8 Stewart St.) на 25 ноември во 6 часот.
Иван Трпоски




