Денес излегува последниот број на најтиражниот грчки весник „Та Неа”, а од неделата престанува да се појавува на пазарот и другото значајно грчко издание – неделникот „То Вима”, пренесе грчката државна телевизија ЕРТ, цитирана од агенциите.
Се очекува денеска вработените во медиумската група „Ламбракис”, која ги поседуваше досега овие и други изданија и медиуми, да ги потпишат своите откази. Новото раководство на групата треба да им исплати две месечни плати до крајот на октомври. Од денес затвора врати и зградата на групата. Во свое соопштение, Сојузот на уредниците повикува новиот сопственик да се ангажира со обезбедување на работни места на сите отпуштени и да им го исплати изработеното. Новинарскиот синдикат инсистира и за средба со новите сопственици, за да бидат известени за нивните планови.
До затворањето на двата авторитетни весници дојде поради проблеми со долгот на претходниот сопственик на групата „Ламбракис”. Корпорацијата има уште голем број списанија, информативни сајтови и радиото „Вима Еф Ем” и е особено критична кон премиерот Алексис Ципрас. Во приватната група има уште еден локален медиумски гигант – телевизијата Мега.
Власта, пак, вели дека медиумите во земјата се во рацете на олигарси. Претседателот на медиумската група Ставрос Психарис е суден за перење пари и даночни измами.
Во декември групата „Ламбракис” не успеа да плати придонес за долг од 99 милиони евра.
Во меѓувреме групата премина во рацете на бродскиот магнат Евангелос Маринакис, кој го поседува и фудбалскиот клуб Олимпијакос. Тој ја придоби за 22,8 милиони евра, со што се избори со својот главен ривал – грчкиот бизнисмен од руско потекло Иван Савидис, сопственик на Солунскиот фудбалски тим ПАОК.
Експертите во Атина коментираат дека оваа трка меѓу нив поминала под притисок на политичарите, откако од неа најголем добитник излегол Киријакос Мицотакис, и таа била загубена од Алексис Ципрас, околу кого гравитира Русинот, Иван Савидис.