Соросоидите се како секта, не гласавме за вакво СЈО

Порталот “Телеграф.мк” направи мега­ин­тервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кое беше објавувано во четири поредни денови. Во него Груевски зборува за различни теми поврзани со актуелната политичка состојба во Републиката. Пренесуваме некои од неговите гледишта и изјави.

Невладините организации под чадорот на Фондацијата „Отворено општество Македонија” дејствуваат секташки
“ВМРО-ДПМНЕ има две опозиции. Една официјална – СДСМ со неколку сателит или човек-партии, и уште една, би ја нарекол платена опозиција, иако индиректно и оваа првата користи од средствата на втората… Невладините организации кои се финансирани главно од фирмите на Сорос и од некои други странски извори имаат континуитет во своето работење, и кога има и кога нема протести. Во периоди кога нема протести, тренинзите најчесто ги вршат највидните лица на организациите на Сорос и од она што сум го слушал, често пати има крајно секташко однесување и предавања, обиди за врбување млади и перспективни луѓе и вршење индоктринација кон нив, а притоа давајќи им пари и многу бесплатни патувања, кој е и главниот мотив да доаѓаат на тие предавања и обиди за перење на мозокот.
Еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: ‹Оваа Влада не чини!!!› И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша.
Не се сите вакви методи, имаат и пософистицирани, но имаат и многу вакви. Слушателите доаѓаат затоа што знаат дека со сигурност ќе добијат пари, најчесто во некоја многу лесна форма, на пример давање некоја идеја, одржување некое предавање пред група студенти или слично. Голем дел од нив не подлегнуваат на индоктринацијата, но им требаат пари и слушаат и молчат. Некои од тие слушатели ми рекоа дека оделе на предавањата само заради парите, кои во тој момент им биле многу потребни, но се гаделе од она што го слушале и го гледале.
Во 2009 година, кога беше екот на кампањата на владата „Ти си Македонија”, една од основните лекции била да ги убеди слушателите дека „Ти не си Македонија” и дека никој во оваа земја не треба да се идентификува со местото и државата на раѓање и живеење, туку да се чувствува исклучиво како човек на планетата Земја. Да нема никакво различно чувство за својот народ, традиција, историја и за својата земја во однос на која било друга.
Директна индоктринација и не ме чуди што денес без ниту малку совест некои млади луѓе ги сквернават спомениците на македонските херои кои ги положиле животите за денешните слобода и држава.
Истите тие предавачи и слушатели имаат задача да гостуваат по емисии и најжестоко да ги напаѓаат Владата и ВМРО-ДПМНЕ, да пишуваат колумни, некои од нив да бидат новинари или да водат некои емисии или портали, или пленуми, или протести, јавни дебати, да пишуваат негативно насекаде надвор од земјата против нас, да испраќаат илјадници писма и имејлови со оцрнување на Владата, да даваат изјави за странски медиуми или странски аналитичари, да ги дружат и убедуваат дека во нашата земја нема слобода и демократија, за потоа истите да го шират тоа.
Инаку, од она што деновиве го објавија медиумите, видовме дека некои експоненти во протестите, кои се организирани од тие НВО, земале и до 70 илјади евра годишно.”
Со аболициите Иванов сакаше да постигне помирување
“Познавајќи го претседателот Иванов, знаејќи дека тој е човек кој секогаш интересите на државата и на граѓаните ги става пред своите лични интереси, и кој е спремен да преземе и лични ризици за да даде придонес во напредокот на земјата, не се сомневам дека направи чекор со намера да го заштити државниот интерес. Јас верувам дека сè што кажа во образложението и го мисли. Тој навистина сака да постигне помирување, од кое корист би имала државата. Ако го гледаше личниот, а не државниот интерес, ќе си молчеше и ќе набљудуваше, кога и онака СДСМ одби негово посредништво во кризата.
И конечно, сите ние кога носиме некаков суд за некои крупни и стратешки одлуки, забораваме дека сите крупни одлуки вистинската вредност ја добиваат кога ќе се погледнат од една временска дистанца. Можеби по 3, 5 или 10 години многумина од оние што сега се нафрлија врз него и неговиот обид за помирување поинаку ќе гледаат на неговата одлука, а во навредите искажани кон него ќе ја препознаат својата слабост и кратковидост” вели Груевски во интервјуто.
СЈО спроведува се што ќе каже СДСМ
Груевски во интервјуто потврдува дека го поддржал формирањето на СЈО, но за досегашното однесување и работа на тимот на Катица Јанева допрва ќе се зборува.
“Идејата за ваква институција ја поддржуваме. По она што се случи минатата година таа ни треба, и како држава и како партија, и нам како поединци, независна и професионална. Но, со своите методи на постапување ја злоупотребија и ја извалкаа таа идеја. Си дозволија да се стават во нечија служба и нечии цели. Мислам дека ако вака се однесуваше јавното обвинителство кон некој од опозицијата, ќе се кренеше голема врева, не само во земјата, туку и надвор. Најголемиот дел од тие обвинители со висок степен на омраза говорат и се однесуваат кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а нивните прес-конференции личат на политички настапи, со огромна доза на театар, без докази, со однапред подготвени флоскули од нивна страна. Веќе се прогласени за виновни луѓе за кои воопшто нема покренато ниту обвинение, а уште помалку да се изјаснил судот. Повеќето од обвинителите во СЈО се влезени во филм на големи ѕвезди. До вчера повеќето од нив никој, освен тесниот круг познајници, не ги познавал и поздравувал, а сега откако поддржувачите на СДСМ им честитаат и се сликаат со нив на улица, тие мислат дека тоа е цела Македонија и оти имаат голема поддршка од народот… СЈО сега дејствува како партиски разгранок на СДСМ и е ставено во функција на СДСМ. Откако на Заев не успеа операцијата со т.н. бомби да го преврати јавното мислење, сега последна надеж му е специјалното јавно обвинителство. И тука да бидам јасен, сакаме докрај да се расчистат работите, затоа што знаеме дека сме невини по обвинувањата кои ни ги препиша претседателот на СДСМ со неговата валкана операција за која јасно ми кажа дека му ја обезбедила некоја странска разузнавачка служба. Нешто што го виде и слушна цела Македонија…
Пристапот на обвинителите од СЈО не е да истражат како било, дали тоа што го тврдеше СДСМ е точно или не, и евентуално во законска постапка да приберат докази доколку е точно, туку по секоја цена да се одбрани и докаже дека СДСМ бил 100 отсто во право, користејќи многу често удбашки методи од 50-тите години на минатиот век… За оваа екипа во СЈО, во немоќ да ги оправда парите што ги троши, се зборува дека има ултрависоки примања од по 2,500 до 3,000 евра месечни плати заедно со додатоците… Тие ја издевалвираа институцијата СЈО”, потенцира Груевски.
“Подготвен сум на разни местенки, па дури и на лична елиминација”
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека очекува обвиненија и против него од Специјалното јавно обивнителство, па дури и истакна е дека подготвен на лична елиминација.
“Јас кога влегов во политиката, знаев дека влегувам во политика, а не на балетска претстава, ги знаев методите со кои многу политичари низ историјата биле атакувани и бев и сèуште сум, подготвен на сè, во смисла да бидам нападнат. На секакви удари и предизвици. На секакви подмолни местенки и обвинувања, вклучително и на моја лична елиминација” вели Груевски во интервјуто.
Тој додава дека на секои следни избори неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со иста разлика како и на парламентарните избори во 2014 година.
“Заев политичката битка ја сведе на лична битка со мене, а не на платформа за подобра Македонија. Полн е со гнев и фрустрации кон мене лично, и со лична фиксација. Затоа и губи, и ќе губи. Сè што човек прави воден од омраза завршува со неуспех. Него го води омразата, и не може да се ослободи од тоа. И нема да се ослободи. Посилно е од него. Мене ме води идеологијата на нашата партија и желбата за напредок и успех на Македонија, за повеќе нови работни места, за нови инвестиции, повисоки плати, пензии, субвенции, повеќе инвестиции во патишта, водоводи, да им се обезбедат евтини куќи на помладите, работа и посреќен живот, во Македонија”, тврди Груевски.
Засега не се враќам на премиерската функција
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто понатаму вели дека нема да се враќа на премиерската функција бидејќи не сака да се стекне погрешен впечаток оти тој има личен интерес.
“Ако се вратев сега на функцијата, многумина ќе помислеа дека можеби ја внесувам земјата во некаков ризик за да бидам премиер. Мене тоа не ми е приоритет. Мене приоритет секогаш ми бил заедничкиот успех како партиски, така и државен. Ако ова придонесе и малку да се намалат тензиите во општеството, тоа ќе е уште подобро”, вели тој.
Груевски во интервјуто најавува и нови кадри од ВМРО-ДПМНЕ во власта (како секоја година во последниве 4 години).
“Поскорото освежување во Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ има смисла само ако изборите не се случат за брзо време. За оние што ќе дојдат да имаат доволно време да се покажат и да се претстават пред да дојдат изборите. Но ако изборите не се за брзо време, тогаш освежувањето ќе биде по изборите. Ќе видиме. Имаме ситуација кога СДСМ вели дека сака брзи избори, а всушност не сака брзи избори бидејќи знае дека ќе ги загуби”, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во мегаинтервјуто за “Телеграф.мк”.

Останати вести