Веќе не е прашање до кога соседите ќе кубат пердуви од нашата одвај составена приказна за сувереност и духовен континуитет, туку дали ќе ги искубат сите, до последниот.
Народски кажано соседите, еден по друг, си го добија тоа што го посакаа.
Не е спорно дека бугарските апетити пораснаа откако направија есап што добија Грците, што Албанците. Попусто се залажуваме дека некој моќен ќе ги присили да се откажат од своите барања. Никогаш подобро не им биле „наместени фигурите”.
Зошто нашиот лидер, кој практично ја раководи истата партија на некогашните комунисти, влета „бос во трње” кога можеше да ја консултира архивата на таа (своја) партија за да се наоружа со факти и знаење?
Неговиот многу пославен претходник, Крсте Црвенковски, секоја година правеше обиди да изгради пријателство со Бугарите. Сакаше и со нив да гради доверба исто како со Србите. За жал, тие не сакаа да си ја исправат грешката. Нели близу една деценија Бугарите ги признаваа Македонците, ги ставаа во пописи, им отвораа училишта, театри, весници? Секогаш е поблагородна афирмацијата од негацијата. Освен кога ќе раководат лоши луѓе.
Тој проблем со Србите беше многу потежок за решавање. Затоа што тие при распарчувањето на Македонија по Балканските војни, со меѓународен договор станаа господари на идната Вардарска Бановина. Исто како што Грците на зелена маса добија половина од Македонија, додека Бугарите станаа господари на остатокот, на Пиринска Македонија.
Во Србија живееја и дејствуваа многу поголем број авторитети, да не речам националисти, од типот на Каракачанов. За наша утеха, при градење на добри односи со таа нација, беше користено знаењето на еден Конески, Чашуле, Мојсов, многу кадри со висока свест и моќен дипломатски профил. Сите, до последниот, членови на истава партија што потпиша лажен пријателски договор. Зарем можеш да му веруваш на некој што те замислува како проститутка?
И ден денес, по 30 години од раздружувањето, ние со народите на петте држави, од север на југ: Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, негуваме искрено и непоматено пријателство. (замислете, тоа го постигнаа претходниците на овие што сега ја водат државата).
Македонската интелигенција тогаш ја придоби речиси целата српска интелигенција, освен двајца навистина славни, од елитата. На Шешељ и Драшковиќ не обрнувавме големо внимание, ги сметавме за циркузанти.
Првиот од тие големи асови, и уште поголеми негатори на македонската самобитност, се викаше Младен Србиновиќ, роден во гостиварското село Сушица. Вториот беше Драгослав Михаиловиќ, автор на култната книга „Кога цутеа тиквите”.
И првиот и вториот не сакаа никаква соработка со македонските уметници.
Не признаваа ни македонски јазик, ни македонска литература. „Вие сте забегана секта на српската традиција”, велеше Младен.
Како што сега Каракачанов, пријателот на Шеќеринска, вели дека ние сме „неосвестени Бугари”.
Навистина се измачивме додека успеавме да ги „разоружаме”. Сите заслуги за Младен му припаѓаат на нашиот голем скулптор Томе Серафимовски, кого предвреме го испративме во црната земја. Тој беше роден во Зубовце, карши селото на Младен Србиновиќ.
Упорно го каневме на изложбите што нашите великани како Кондовски, Чемерски, Луловски ги приредуваа во Белград. Полека и неповратно стануваше свесен дека неговата Македонија израснала во зрела нација. Лесна му земја, во последните години зборуваше на прекрасен македонски јазик.
Вториот српски великан, Драгослав Михаиловиќ се чинеше дека нема да ги засака Македонците. Го каневме на нашите штандови со книги, му покажувавме колку убаво ќе звучи еден негов роман на македонски. Најпосле, магичната Лилјана Угриновска успеа да го придобие.
Книгата во Македонија му ја промовираа зналци од форматот на Ѓурчинов и Тодоровски. Публика за мерак.
А по ручекот во Св. Пантелејмон Гане му вели: „А сега, Драгослав, бидејќи имаш многу време до полетување на авионот, ќе те носиме на гробишта”. Славниот автор прифати, иако збунет, исплашен.
А таму, во Бутел, имаше што да види. Над двесте театарски и филмски имиња, со запалени свеќи в раце, пееја торжествено и солзи ронеа. Си го испраќаа во црната земја својот прерано починат трагичар Ристо Шишков.
На аеродромот Петровец академик Драгослав најдолго се прегрнуваше со Ганета. Бездруго затоа што му покажа дека не сме народ без душа.
Овие анегдоти ги раскажав за да сфатиме дека треба да се вложи многу труд за подобро запознавање и релаксирано дружење. Никако истрчување. Се надевам дека и нашиот лидер ќе биде помудар во иднина. Дури и да биде симнат од тронот.
За крај уште две анегдоти. Нели Драшковиќ сега им е добар пријател на Македонците? Е, ама прво требаше нашиот славен воен хирург Крсте Митаноски да го дружи во својата викендичка во Малкоец, над Кичево, додека овој си ја подготвуваше својата докторска дисертација.
А пак низ Софија и ден денес се раскажува дека Бојко Борисов на млади години бил многу духовит. По струмички – заебант. Е, како телохранител на Тодор Живков, секогаш кога минувале покрај неговото родно село Правец, велел: „Овде е родена најголемата тиква на Бугарија”.
Со години на другите не им текнувало дека тиквата е главен патник во колоната со луксузни лимузини.
Затоа и си мислам дека „се цепнал” од смеење додека в раце го држел бланко договорот за нашата европска иднина.
Божин Павловски