Mинистерство за економија свика итен состанок поради состојбата со дериватите

“Макпетрол” – почеток на крајот на уште една македонска империја?

ОКТА престана да му продава гориво на “Макпетрол” поради блокирањето на сметката од страна на Обвинителството, која не се знае до кога ќе трае. Истовремено од ОКТА соопштуваат дека според нив блокирањето на сметката е неразумен чекор и е не само против “Макпетрол” туку и против граѓаните

“Макпетрол” во понеделникот и официјално го информираше Министерството за економија дека поради блокираните сметки на компанијата земјата може да се соочи со енергетска криза. Во дописот, “Макпетрол” посочува дека ако состојбата потрае, повеќе рурални средини, каде што има само бензински станици на оваа компанија, ќе се соочат со недостиг на горива, а проблем може да има и во целата држава.
Дополнително, “Макпетрол” информира дека не ќе може да прави набавки на гас од “Газпром”, бидејќи поради блокираната сметка не ќе може да ги плаќа договорените количини што треба да се набават, а кои, според договорот, се плаќаат авансно. Тоа пак може да значи проблем за работењето на повеќе компании и болници, кои работат на гас, а немаат можност да преминат на мазут. Според сознанијата, дел и од странските инвеститори за овој проблем веќе писмено му реагирале на “Макпетрол” и побарале објаснување, бидејќи стравуваат дека ќе треба да го сопрат производството затоа што немаат опција за работа на мазут.
За состојбите загрижени биле и во ЕЛЕМ, па и тие упатиле допис до “Макпетрол” со барање за објаснување на случувањата бидејќи РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј се снабдуваат со мазут од “Макпетрол”, а тие се најголемите производители на струја.
“Макпетрол” писмено го информира Минстерството за економија и дека може да има сериозен проблем со аеродромите, бидејќи кога резервите на керозин ќе дојдат под лимитот што компанијата мора да го има, тогаш, ќе мора да ги информира и аеродромските власти дека не е во можност да ги снабдува со керозин.
Од Министервото за економија објавија дека во вторникот свикале состанок со сите увозници на нафта и гас за да се направи детална анализа за состојбата на пазарот и да се завземе став какви мерки би требало да се превземат ако сметките на компанијата и натаму останат блокирани. Резултатот од оваа средба не беше познат до затворањето на овој број на “Тoday/Денес”.
Инаку, во понеделникот од ОКТА соопштија дека привремено го суспендираат снабдувањето со нафтени деривати за “Макпетрол” додека да се нормализира состојбата со банкарската сметка на компанијата. Истовремено од ОКТА го соопштија јавно и својот став:
„Со оглед на широката малопродажна мрежа со која располага “Макпетрол”, како и нејзиното снабдување со нафтени деривати на аеродромите, големите индустриски капацитети, болници, училишта, јавни институции и помали општини, веројатно е дека нафтениот пазар во земјата ќе биде значително нарушен доколку оваа необјаснива мерка трае долго. Одлуката да се блокира сметката на компанијата е против самата компанија, нејзините вработени, нејзините акционери, нејзините клиенти, нејзините добавувачи, државниот Буџет и против сигурноста на снабдувањето на пазарот со нафтени деривати”, велат од ОКТА.
Проблемот настана откако кон крајот на минатата седмица МВР поднесе кривични пријави за 21 лице од раководтвсото на “Макпетрол”, по што од страна на Јавното обвинителство и Судот беа замрзнати сметките на компанијата. Првообвинет е претседателот на Управниот одбор, Андреја Јосифовски, како и вработени во Централниот регистар, Централниот депозитар на Комисијата за хартии од вредност. Сите тие се сомничат дека учествувале во незаконско прелевање на капитал од „Макпетрол” во Командитното друштво со акции „Оилко”, со што им нанеле штета на акционерите од 6 милиони евра.
Дел од јавноста во акцијата на МВР и на Обвинителството гледаат обид за притисок врз телевизијата “Телма” (сопственост на “Макпетрол”, која е опозициски настроена) во пресрет на изборите. “Телма” собра многу авторитетен тим на новинари-аналитичари (Чомовски, Лупевска, Боби Христов…) кои почнаа да прават сериозни дебатни емсиии. Клучното прашање всушност е зошто дури сега се активираат МВР и Обвинителството за случај од 2007 година (!?), а во меѓувреме имаше неколку судски процеси покренати од акционери на “Макпетрол” против тимот на Јосифовски токму за истата работа.

Пешевски: Нема да има криза со нафтените деривати

Нема да има енергетска криза во земјата, тврди вицепремиерот Владимир Пешевски.
– Се разбира дека определени ризици секогаш постојат, но гориво во Македонија ќе има. Во земјата има доволен број на бензински пумпи, па нема простор за никаква паника меѓу граѓаните. Главниот снабдувач на нафта и нафтени деривати во Македонија е ОКТА, а има и 30 други увозници. Има и доволен број на бензински пумпи кои не се дел од веригата на Макпетрол. Тековно ја следиме состојбата, веќе предвидовме и одредени мерки доколку дојде до нарушување, но нема место за вознемиреност меѓу граѓаните во однос на редовното снабдување со нафтени деривати, изјави Пешевски.

Останати вести