Совет во врска со смртните случаи по примање на Фајзер вакцината

Федералниот министер за здравство Грег Хант од организацијата Therapeutic Goods Administration (TGA) побара дополнителни информации за вакцината на Фајзер по норвешкиот извештај за ризиците од нејзината примена.

TGA минатата недела потврди дека соработува со Европската агенција за лекови како и со Фајзер во истрагата за ризикот од вакцинирање на кои укажа норвешката влада. „TGA моментално спроведува евалуација на сите научни и клинички информации кои на располагање ги стави Фајзер, како и други дополнителни докази, пред носење на регулаторни одлуки” – вели TGA во својата изјава.
Извештаите на норвешките медиуми зборуваат за уште шест постари пациенти кои ја примиле вакцината и починале по вакцинирањето со што вкупниот број на починати порасна на 29.
Сите пациенти биле постари од 75 години, 13 смртни случаи целосно се оценети, додека дополнителни 16 се наоѓаат во фаза на ревизија. „Повеќето лица искусија нуспојави од вакцината како вртоглавица, повраќање, висока температура и локални реакции на местото на примање на вакцината која ги влошила постоечките болести на пациентите” се вели во изјавата на Норвешката агенција за лекови.
TGA вели дека смртните случаи се забележани меѓу чувствителните пациенти, вклучувајќи ги и оние за кои пред вакцинацијата се предвидело дека ќе живеат уште само неколку месеци.
Ќе продолжиме да соработуваме со Европските регулаторни тела во следните неколку денови и ќе ги истражиме овие извештаи и ќе утврдиме дали постојат посебни предупредувања за вакцинирањето со оваа вакцина за многу стари лица, лица со терминални болести кои би требало да се вклучат во Резимето на производните својства на вакцината на Фајзер – Бионтек.
„Во контакт сме со министерот за надворешни прашања а, министерката Марис Пејн ќе му даде задача на DFAT да побара совет директно од норвешката влада” – изјави Хант.
„Покрај ова, го известив прајминистерот и неговата канцеларија за ова. Штом дополнителните информации бидат достапни, ќе ги поделиме со австралиската јавност” – вели тој, кој претходно потврди дека федералната влада ги остранила ознаките за сите жаришта во Австралија по само еден потврден случај на пренос во заедницата во изминатите неколку денови.
„Согласно со дефиницијата веќе немаме жаришта. Секако, неизбежно дека ќе имаме нови случаи. Ќе има денови кога ќе биде потребно повторно да се воведе дефиниција за жаришта во Комонвелтот. Но тогаш ќе носиме одлуки врз база на дефинициите и случаевите” – изјави тој.
Покрај позитивните одговори на неодамнешните нови кластери во Нов Јужен Велс, Јужна Австралија, Викторија и Квинсленд, Хант изјави дека Австралија и понатаму ќе го чувствува влијанието на пандемијата се додека светот се бори со се поголем број случаи на инфекции со коронавирусот.

Останати вести