Пред неколку децении, кога СССР беше светска сила, Восточни беше најстрого чуваната нуклеарна тајна на Кремљ, скриена во длабоката дивина на непрегледните тајги. Денес, таа локација на далечниот руски исток претставува совршено место за изградба на нов лансирен центар, пишува Би-би-си.
Идејата за оживување на Восточни е на претседателот на Русија Владимир Путин, кој тука сака да изгради ново вселенско пристаниште.
Восточни од Москва е одалечен седум часа лет, колку што трае патот до најблиското населено место Благовешченк. Потоа, потребни се уште 90 минути лет со хеликоптер преку непрегледната дивина за конечно да се стигне до лансирниот центар.
Восточни е идеален бидејќи во случај на неуспешно лансирање нема шанси ракетата или шатлот да паднат врз населено подрачје. Овој далечноисточен космодром е оддалечен од цивилизацијата, вклучувајќи ги и погоните и фабриките што ја произведуваат вселенската опрема. Секоја ракета до Восточни патува со железница од Самара, а патот изнесува неверојатни 6.000 километри.
Лансирањето на ракетите ќе го контролира компјутер и само едно лице, со оглед на тоа што руската технологија значително напредуваше во однос на советскиот период.
Оживувањето на Восточни и модернизацијата на дигиталните системи и технологијата претставуваат огромен чекор за руската вселенска индустрија.
Новата ракета „Агара” ќе го замени советскиот ветеран, ракетата „Протон”, која е исклучително штетна за околината поради своето токсично гориво.
Пречката за изградбата на овој центар е фактот што руската економија е притисната од војната во Сирија, санкциите на Западот и ниските цени на нафтата и гасот, поради што буџетот за вселенски инвестиции во следните десет години е преполовен, и изнесува „само” 14 милијарди долари.
Сепак, тоа изгледа не претставува проблем за Кремљ кој го најави лансирањето на „Агара” за почетокот на април.