На аеродромите во Австралија распоредени специјални единици за сузбивање на тероризмот

Прајминистерот Тони Абот

Прајминистерот Тони Абот изјави дека на најголемите меѓународни аеродроми во Австралија – во Сиднеј и Мелбурн, се распоредени специјални единици за сузбивање на тероризмот, кои можат да ги запираат „сомнителните лица”.

Во обраќањето до пратениците во Парламентот, Абот наведе дека овие единици ќе бидат распоредени и на останатите австралиски меѓународни аеродроми за да го следат движењето на патниците на местата за безбедносна проверка и дека се очекува воводување биометриски скрининг на патниците, пренесоа американските медиуми.

Австралиската Влада отиде чекор понатаму и со американската Влада потпиша спогодба за размена на информации со цел да се засили нивната способност да го потврдат идентитетот на странските патници, со што е договорена и размена на издадените визи и имиграциски информации.

Истовремено, од Канбера е соопштено дека Австралија и САД, во септември, во Генералното собрание на Обединетите нации ќе укажат на потребата од што поголема меѓусобна владина соработка против заедничката закана – тероризмот.

Австралиецот Халед Шаруф, кој се бори во редовите на екстремистичката група „Исламска држава во Ирак и Левантот”, на социјалните мрежи објави фотографија и го пофали својот малолетен син кој држи отсечена глава на сириски војник. Фотографијата на својот син Шаруф ја стави на Твитер и ја потпиша со зборовите – „тоа е мојот син”, јавија американските медиуми пред две недели.

Шаруф во 2007 година беше меѓу деветмината муслимани кои беа обвинети за складирање материјали за изработка на бомби и планирање терористички напади во Сиднеј и Мелбурн и во 2009 година беше осуден на четири години затвор. Шаруф го искористил пасошот на својот брат за минатата година да ја напушти Австралија, заедно со сопругата и трите сина, за да може да се бори во Сирија и Ирак.

Абот овој месец призна дека националната гранична безбедност не била доволно добра, бидејќи уште еден осомничен џихадист одлетал за Блискиот исток, користејќи туѓ пасош.

Останати вести