Специјалното обвинителство се пожали на Судот и други институции дека му прават пречки

Јанева се пожали дека “кочничари” се: Основен суд Скопје 1, Јавното обвинителство, Катастар, Општина Битола…

Специјалното јавно обвинителство достави жалба по повеќе основи против решението на Основниот суд Скопје 1 со кое е одбиено барањето за копии на списи и електронски докази за случајот “Пуч”.
Судот одби да даде копии со образложение дека СЈО веќе го добило предметот од Јавното обвинителство и дека не е “фотокопирница”. Но, СЈО всушност бара копии од докази кои не ги има добиено во предметот од ЈО, туку сега постојат само во Судот. Е, за нив, Судот вели дека не може да ги даде бидејќи биле класифицирани како “државна или службена тајна”.
Според СЈО се случува еден апсурд – прво Судот нема сертификат за класифицирани информации а му брани пристап до доказите на Специјалното обвинителство кое таков сертификат поседува. Згора на ова, се наведува дека СЈО побарало докази кои воопшто не се класифицирани, како и докази кои се декласифицирани.
“Првото наше барање кон судот за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на 21.12.2015 година и е прецизирано со барање од 9.2.2016 година. Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и по две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување копии, дури на 29.2.2016 година донел решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и електронски докази. Ваквото решение е обжалено од причина што сметаме дека наводите на судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа, нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да им ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека судот врши опструкција на работата на ова јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи му на ова јавно обвинителство да се впушти во главната расправа”, се вели во соопштението.
Освен со начинот на постапување во предметот „Пуч”, Основниот суд Скопје 1-Скопје, како што стои во соопштението, ја отежнува работата на ова обвинителство и во сите други предмети за кои побарале да им бидат доставени на увид, поради што до Судскиот совет на Република Македонија ќе поднесат претставки за ваквото работење на судот.
Од институциите што одбиваат соработка со ова обвинителство се наведуваат Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како Петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, општината Битола, одредени министерства, како и Управниот суд, Основното јавно обвинителство-Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

СЈО има право да влезе во сите институции и со полиција да земе тоа што им треба

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев е убеден дека Специјалното обвинителство воопшто немало потреба на ваков начин да се обраќа до јавноста, туку сето тоа можело да се каже во извештајот што се подготвува за 15 март.
„Не се случило во историјата на правосудството да не му се даваат доказите на обвинителството. Специјалното обвинителство треба да се откаже од ‘Пуч’, бидејќи тука нема случај, бидејќи е политички монтиран и да се концентрира на тоа кој го правел незаконското прислушување”, нагласува Калајџиев.
Тој има забелешки на „мекиот однос” на СЈО, бидејќи смета дека тие имаат толку силни ингеренции, што не треба да чекаат, туку треба да одат сами да го земат тоа што им треба.
„Специјалното обвинителство има право да влезе во сите институции и со помош на полиција да го земе тоа што им треба. Не им треба налог, туку имаат директни овластувања што им ги дава новиот ЗКП, Законот за полиција, Законот за јавно обвинителство, за финансова полиција”, потенцира Калајџиев.

ЈАНЕВА БАРА ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ДА СЕ ВМЕТНЕ И ДЕЛО – ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ПРАВДАТА

Поради пречките со кои се соочува од другите државни институции, Специјалното обвинителство бара да се воведе ново кривично дело во Законот – попречување на правдата со кое би се казнувало со најмалку една година затвор одбивањето на државен службеник да постапи по барањето на СЈО..
Но, за ваква промена во Законот во Собранието треба да се обезбеди двотретинско мнозинство, што е нереално. Тоа го сметаат најголем дел од експертите по кривично право. Дел од нив упатуваат дека слични одредби сепак постојат во сегашното законодавство.
Инетресно е што од Државното јавно обвинитлество на Марко Зврлевски излегоа со контра-обвинување дека Специјаното обвинителство е тоа кое ја попречува правдата бидејќи обвинителите од тимот на Јанева не се појавиле на распит за кривичните пријави против нив.
„…Постапува спротивно на законот спречувајќи го расветлување на случаите што се во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје, а во кои се инволвирани лица од Специјалното јавно обвинителство. Во тој контекст, ја подржуваме иницијативата за воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата”, вели ДЈО во своето соопштение.

Останати вести