„Специјалното обвинителство е политичко, неговото формирање е навреда“

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски обвини дека обвинителството на Јанева е „политичко”, за разлика од државното кое е „независно”!?!? Тој ем ќе го оспори Законот за специјално обвинителство пред Уставниот суд, ем ќе гласа (како член на Советот на јавни обвинители) за поголем број помошници на Јанева – ако подоцна имало потреба. 

“Советот за јавни обвинители имаше параметри според кои одлучи дека во овој момент треба да бидат седум обвинители плус специјалната обвинителка. Се тргна од тоа дека засега има 25 предмети во врска со прислушуваните разговори. А сите обвинители работат, во просек, по 40 предмети”, рече државниот обвинител Марко Зврлевски, кој по функција членува во Советот и има право на глас. Тој одамна не се појавил во јавноста, иако е многу често прозиван.
Зврлевски вели дека постои револт кај обвинителите поради наведените надоместоци кои согласно планот ќе следуваат на избраниците во тимот на Јанева.
Уште истакна дека недовербата кон јавните обвинителства е неоснована, дотолку повеќе што сите предложени кандидати и досега работеле во Државното јавно обвинителство. Според него, во ЈО постои голем револт и разочараност, и ова е навреда за целото обвинителство затоа што со ништо не покажало дека не ги работи предметите.
Зврлевски Специјалното обвинителство го нарече политичко.
“Ние не сме политичка ин­ституција и нас не нe интересираат политичките договори, бидејќи постапуваме согласно законот. Ако некој донесе политичка одлука да формира политичко обвинителство, јас се гордеам што ние не сме политичко обвинителство. А политичкото обвинителство нека си постапува согласно политиката.”
Запрашан зошто вели дека специјалното обвинителство е политичко, кога и за Државното обвинителство гласале политичките партии во Собранието, Зврлевски одговори:
“Ако имате политички договор за некоја личност, спротивно на сите правила и закони, тогаш сметам дека Специјалното е политичко обвинителство”. Како да заборавил дека и тој беше избран по истиот пат.

Останати вести