Јубилеј на Aвстралиско-македонскиот играорен ансамбл ”Tоше”: Спектакл достоен за почит

Минатиов петок во театарот Union Hall во Парквил, кој се наоѓа во склоп на престижниот универзитет Мел­бурн, се одбележа десетгодишниот јубилеј на Австралиско-македонскиот играорен ансамбл “Тоше”.

Со богата програма која траеше три часа присутните беа импресионирани од прикажаната професионална програма. Во 2009 година друштвото започна со само шест играорци, а денеска е едно од ретките што постојано расте од година во година и е вистински бисер на македонската заедница во Австралија.
Играорците од “Тоше” покажаа како се негуваат корените од најмалата возраст па се до најстарите, сите до еден се прекрасен пример за сите што сакаат да го зачуваме македонизмот. Претседателот Ѓорги Бла­жевски и неговиот заменик Мајкл Костидис, потоа Никола Кундевски, Злате и Наталиа Котевски, Џеки Ристевски, Бети Филиповски, Снежана Поповска заедно целокупната управа и сите волонтери приредија шоу каков што немаме досега видено во Мелбурн. Уште пред почеток се чувстуваше енергијата кај сите кои како едно големо семејство сплотени го издржаа товарот за прослава на јубилејот.
Вистински професионален настап на сцена со преку 70 играорци, оперскиот пеач Никола Зачевски и милозвучниот глас на Наталиа Котевска со оркестарот на друштвото “Тоше”. Со професионално осветлување и проекција во позадината играорците присутните ги поведоа на прошетка низ Македонија. Започнувајќи со кореографијата на “Драчевка”, “Црногорка”, “Пијанец”, “Тресеница”, “Марица”, “Пајдушко”, “Буфчанско”, “Арменско” и многу други без престан на сцената се менуваа играорците кои беа наградувани со громогласен аплауз.
Во вториот дел од програмата настапи првата група засилена со поранешни играорци и инструменталниот оркестар на “Танец” од Македонија, предводен од Милан Завков на кој се приклучи со песни и Македонскиот женски хор предводен од Маргарита Василева. Едноставно импресивно – ваков настан е тешко да се направи во Македонија, а не на најдалечниот континент. Честитки за организаторите, а исто така и за сите играорци од четирите групи на “Тоше”. Сите тие вложија огромен труд и саможртва, многу подготовки и напорни тренинзи за да се направи вистински спектакл за одбележувањето на 10 години јубилеј на друштвото “Тоше”.

Останати вести