Над 3.000 гледачи од Битола и другите градови Кичево, Свети Николе, Штип, голем број турски туристи и покрај променливото и студено време го исполија античкиот театар Хераклеја и не зажалија за тоа.
Сите беа единствени во оценката дека Битола во последните години не памети таков успешен и спектакулеран концерт.
Битолчанецот Исмаил Лумановски, кој живее во Њујорк САД, цели 34 години сонуваше да има свој целовечерен концерт во античкиот театар Хераклеја. Тој сон конечно му се оствари во рамките на битолското културно лето “Бит Фест”. Заедно со својот бенд „Њујорк Џипси Олл-старс” и со “Љубојна” имаше целовечерен концерт.
– Многу сум возбуден затоа што ова е исполнување на мојот сон од мали нозе, да настапам во прекрасниот амбиент на античкиот театар Хераклеја. Како мал најпрво сонував да настапувам во Њујорк. Во изминатите години сум свирев на најголемиот број светски музички сцени. Но подоцна откако се исполни мојот сон, почнав да сонувам нов сон, а тој беше да имам целовечерен концерт со мојот бенд во Битола, на Хераклеја. Овој амбиент посебно го доживувам и кај мене раѓа посебни чувства. Вечерва затоа сум многу возбуден, но верувам дека ќе се претставам во добро издание – изјави Исмаил Лумановски кој дури во три наврати по завршувањето на концертот беше враќан на бис.
Инаку „Њујорк Џипси Олл-Старс” е бенд што постои веќе 15 години, а покрај Исмаил во истиот членуваат и Тамер Пинарбаси (канон), Панајотис Андреу (бас) и Енгин Каан Гунајдин (тапани).
Културното лето “Бит Фест 2018” заврши со одржувањето на “Белата ноќ” на Широк Сокак, како и настапот на познатиот поп пејач Владо Јаневски.