На интернет страната www.izbirackispisok.gov.mk можете да проверите дали сте дел од избирачкиот список.
Со внесување на вашиот матичен број, системот ќе ви прикаже на кое место во Македонија можете да го остварите вашето право на глас. Тоа се води согласно последното пријавено живеалиште во Македонија. За тие кои се иселени од Македонија, системот треба да ви го прикаже вашето последно живеалиште во Македонија кое сте го имале пред да се иселите.
Доколку не сте дел од избирачкиот список, а сте државјанин на Република Македонија со валиден биометриски пасош или лична карта, ќе имате можност да поднесете барање за запишување во избирачкиот список. Обично рокот за упис во избирачкиот список започнува 10 дена по распишувањето на изборите и трае 15 дена. За иселениците кои сакаат своето право на глас да го остварат во Дипломатско-конзуларни претставништва, во овој определен рок од 15 дена ќе треба да поднесат и пријава за гласање во соодветното ДКП.
Согласно член 31, став 2, точка 28-г од Изборниот законик, Државната изборна комисија го објавува Избирачкиот список на својата веб страна со следните податоци: име, презиме и адреса на избирачите.
Секој државјанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини. Барањето граѓанинот може да го поднесе до Подрачното одделение/канцеларија на Државната изборна комисија според неговото место на живеење.