Црковната општина „Света Петка” од Рокдаил, која беше во постојан судски спор со владиката Петар и за чие докажување чија е се потрошија десетина милиони долари, од минатата недела званично се приклучи кон новата епархија со која раководи Владиката г. Тимотеј.
Одлуката за нејзино приклучување кон новоформираната „Австралиско-сиднејска епархија” ја донел Синодот на седница што се одржала на 30 јуни 2016.
Одлуката стапи на сила од петокот на 1 јули 2016 година.
Таа е донесена по молба на МПО „Света Петка”. Во одлуката на Синодот пишува дека таа е донесена по опстојна дискусија. Засега нема вести за тоа каква била реакцијата и како гласал Владиката г. Петар, кој практично најголем дел од енергијата во спорот во Австралија потроши на судските процеси со „Света Петка”.
Оваа црква по судската одлука на австралиските судски власти имаше двојно владение. Управниот одбор на Црквата го имаше владението врз имотот, а право да назначува свештеник доби Владиката г. Петар.
Многумина сметаат дека почеток на крајот на администрирањето со епархијата во Австралија на Владиката Петар, беше покренувањето тужби против 891 член на Македонската православна црковна општина Св. Петка во Сиднеј.
Тогаш од Синдот на Македонската православна црква се бараше одлука со која ќе му забрани на владиката Петар да ги тужи членовите на црковната општина.
Седумнаесетгодишниот судски спор, кој Петар и попот Митко Митрев го водеа против Св. Петка за одземање на нејзините имоти, во кој се продаде градинката, становите и се потроши целосно заштедата заврши со одлука дека општината, како регистрирана непрофитна организација во Австралија, останува законски сопственик на имотите, со обврска да ги користи за одржување на служби во согласност со правилата на МПЦ и со Митко Митрев како парохиски свештеник. Владиката Петар потоа дрско отвори нова тужба против 891 верник на Св. Петка со барање да се откажат од членство во општината затоа што не се признати како членови од страна на свештеникот. Епилогот сите го знаеме, залудно се исцрпија уште стотици илјади долари од доброволните прилози на верниците на МПЦ и заврши со пресуда која беше во полза на 891 член на општината.
После 17 години судски спор триумфираа парохијаните на “св. Петка” во Рокдаел
Претставниците на управата на црковната општина “Св. Петка” од Рокдаел се задоволни со одлуката и велат дека таква барале во повеќе наврати во минатото. Претседателот на општината Борис Димчевски, кој се наоѓа во Македонија, е запознат со одлуката, а потпредседателот Илија Ацевски ни изјави дека сега се гледа дека непотребно сите овие години се водеше спорот по судовите, а дека во право беше управата е токму оваа одлука. Не беше во ниту еден момент прашањето како да се раководи црковната работа, спорот беше само за имотот да се стави под контрола на владиката Петар. Никогаш управата не тужеше туку постојано мораше да се брани. Требаше порано ваква одлука да се донесе зашто се делеа луѓето и се создаваше кавга со една лага дека имотите морале да се препишат на владиката. Еве сега одлуката донесена од целиот Синод на МПЦ се потврди дека тоа не било така.
За жал трошоците по судовите се неповратни. Пресметката колку пари отидоа не е се уште направена, бидејќи ќе треба да се види уште што и кому во пресудите треба да се плаќа.
Досегашните суми што се спомнуваат се шпекулација бидејќи никој до денеска не знае точно колку е платено и колку треба да се плати. Адвокатите никогаш немаат дадено целосна пресметка, иако тоа неколку пати им е барано од управата.
Во секој случај тоа се големи пари и може со сигурност да се каже дека единствено адвокатите профитираа во оваа голема штета за нашата Заедница.
Но сега со оваа одлука може конечно да се обезбеди мир во заедницата и треба владиката Петар совесно како морален чин на одговорност да си даде оставка за да може да се создаде простор за вистинско помирување на Македонската заедница во Австралија.
Ситуацијата е жална, во 17 години судови и караници, настрадаа многу невини луѓе, се расцепка Заедницата.
Но доколку владиката тоа не сака да го стори, во каноните на МПЦ постои правило со кое доколку владика го загуби респектот од парохијаните, Синодот може веднаш да го смени од Епархијата.
Минатата седмица веднаш после објавувањето на одлуката на Синодот на МПЦ за префрлување од една во друга епархија на црковната општина “Св. Петка” во Рокдаел, побаравме изјава од претставници на епархијата за Австралија и Нов Зеланд, кои ни кажаа дека засега немаат инструкции и не се точно запознаени, но во најскор можен рок ќе се изјаснат.
Од друга страна о. Станко, кој е архиерејски заменик на Австралиската епархија – Сиднеј, ни го потврди решението на Синодот кое е препратено до сите црковни општини.

