Спречен терористички напад во Брисел, бомбашот застрелан

Белгиски војници застрелаа човек осомничен дека е потенцијален бомбаш-самоубиец во Централната станица во Брисел, велат официјалните претставници.

Тој бил застрелан откако наводно предизвикал мала експлозија, во која се верува дека никој друг не е повреден.
Полицијата вели дека ситуацијата е под контрола. Станицата и градскиот плоштад се евакуирани.
Според белгискиот весник Ла Либре, кој ги пренесува обвинителите, човекот што бил застрелан носел ранец и бомбашки појас.
Тој детонирал еден уред и го привлекол вниманието на војниците во станицата, вели весникот.
Неколку белгиски медиуми цитираат сведоци што велат дека човекот извикувал „Алаху Акбар” („Бог е голем” на арапски јазик) пред да ја предизвика експлозијата.
Состојбата на повредениот осомничен не е позната.
Портпаролот на белгискиот сојузен обвинител потврди дека осомничениот сè уште е на местото на настанот, но рече дека не се знае неговата состојба.
„Не знаеме дали човекот, чиј идентитет допрва треба да го потврдиме, е жив или мртов. Сепак, ова беше терористички напад”, изјави за новинарите Ерик Ван дер Сијпт, портпарол на белгискиот сојузен обвинител, на прес-конференцијата на местото на нападот.
Ван дер Сијпт потврди дека во нападот немало други жртви.

Останати вести