Официјално: Македонија нема да ја нарача руската вакцина „Спутник 5“

Со првата регистрирана вакцина во светот против ковид-19, којашто ја примила и ќерката на Владимир Путин, претседателот на Русија, нема да се вакцинираат граѓаните на Македонија.

– Македонија не е во преговори за набавка на руската вакцина наречена “Спутник5”, а достапноста на вакцината зависи од политиката на производителот – изјавиле за порталот “Плусинфо” од Министерството за здравство.
А што доколку некои македонски граѓани решат сами да ја набават оваа вакцина – за тоа надлежните немаат прецизен одговор.
За заштита на населението против новиот вирус со вакцина Македонија досега добила покана од три организации.
– Организациите GAVI/Глобална Алијанса за вакцини и имунизации, CEPI/Коалиција за иновации за подготвеност за епидемии и WHO/Светска здравствена организација упатија покана до Владата на Република Северна Македонија да се приклучи кон акцијата/проектот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за ковид-19 преку таканаречен COVAX механизам. COVAX механизмот (Глобален пристап до вакцини за ковид-19) се очекува да резултира во изнаоѓање вакцина и ставање на пандемијата под контрола во најбрз можен рок преку заедничко здружено инвестирање, споделен ризик, здружени набавки и рамномерна дистрибуција до земјите учеснички – појаснуваат од Министерството.
За ова, како што додаваат, во изминатиот период имало неколку состаноци, на кои се разговарало за детали околу испорака, набавка, количини и начин на дистрибуција.
– Ова практично значи дека во моментот кога преку таканаречениот Ковакс механизам вакцината за ковид-19 ќе биде достапна во светот, ќе биде достапна и во нашата земја – нагласуваат надлежните.

Останати вести